Тејт модерн до комшиите: „Ако ви пречи што ви ѕиркаме во становите, спуштете ги ролетните“

Сопственици на луксузни станови во зграда спроти познатиот видоковец на Тејт модерн повторно изгубија на суд против галеријата. Изгледа сепак ќе мора да стават завеси (или ролетни) на скапо платените прозорци.

Галеријата Тејт во Лондон, освен по својата модерна архитектура, е позната и по платофрма која обезбедува „уникатен поглед кон Лондон од 360 степени“. Но притоа на оние кои сакаат да го видат градот, несакајќи во кадар им влегуваат и дневните соби од зградата спроти галеријата, кои имаат огромни прозорци (веројатно за повеќе сончева светлина во инаку тмурниот Лондон).

Сопствениците на четири од становите подолго време се обидуваат судски да ја решат целата работа, и бараат од галеријата да ја затвори платформата или барем да го загради делот кој гледа кон нив и претставува „невидена инвазија на нивната приватност“.

Но раководниот одбор на Тејт смета дека многу полесен начин е комшиите едноставно да си ги спуштат ролетните. Судот се согласи, сугерирајќи и мрежести завеси или самолепливи фолии. Судијата додал дека „овие имоти се импресивни и секако дека има голема предност човек да ужива во широк поглед од големите стакла, но тој ефект си носи и своја цена во смисла на приватност“. Оттаму, судот ја отфрли тужбата на соседите, со образложение дека „ѕиркањето не спаѓа под ставката вознемирување“.

Секако, сопствениците се разочарани, особено што не добиле дозвола случајот да го носат и до Врховниот суд. Ама во случајов правото на поглед на мнозинството е ставено пред правото на неколкумина да ја уживаат својата скапо платена приватност.

извор

13 февруари 2020 - 10:56