Вратете ја Бајум-бајум!

Генијалноста на г-дин Линеа

Во време на софистицирана компјутерска анимација и заморни 3Д ефекти, убаво е да се потсетиме што може да се направи со една обична - линија.

Можеби ја памтите - серија од 2-3 минутни епизоди која се прикажуваше низ повеќе од 40 земји во светот помеѓу 1971 и 1986, со препознатливата силуета на г-дин Линеа кој оди по бесконечна линија, од која на крајот од секоја епизода обично се струполува во бездна, за веќе во следната да се „реинкарнира", како ништо да не било. Авторот е Освалдо Кавандоли, а оригиналниот текст на непостоечки јазик го синхронизираше Карло Бономи.

Првите 8 епизоди од серијата всушност биле создадени како реклама за кујнски прибор на фирмата Лагостина, но од деветата па до деведесетата епизода, колку што се вкупно снимени, приказната се врти околу г-дин Линеа и пречките со кои го соочува цртачот, со кого човечето постојано се расправа, се ценка и му се лути, иако е свесен дека зависи од неговата волја. Со тоа според некои толкувачи, кои во него можеби гледаат нешто што авторот никогаш не го планирал, цртаниот добива и филозофски аспект, и зборува за односот помеѓу „малиот“ човек и Бог.

Иако сите епизоди се соодветни за детска возраст, еве една малку поинаква, и двојно подолга - Ла Сексилинеа

Снимка од синхронизирањето на цртаниот, на смешна комбинација од нешто што звучи како италијански (извитоперен ломбардиски акцент) и измислени зборови

11 април 2015 - 11:36