Старецот и рибата: народната приказна што објаснува како ВИ ќе го реконфигурира човештвото

Германска бајка регистрирана од браќата Грим (којашто можеби ја има и кај нас во некоја верзија) го илустрира што ни се случува во добата на вештачката интелигенција. Приказната за рибарот и неговата жена станува метафора за модерните „волшебни риби“ што ни ги остваруваат сите желби преку апликации и алгоритми. Од тоа излегуваме празни и со чувство на вина.

Стар рибар фаќа волшебна риба — всушност проколнат принц во облик на риба — која исполнува желби. Mу паѓа жал и ја пушта. Но кога ѝ кажува на жена си, таа инсистира тој да се врати и да побара исполнување на желба.

Рибата прифаќа. Но сопругата на рибарот, Илзебил, нема усул. Прво го претвора нивниот сиромашен дом во замок, па сака да стане кралица, па царица, па папа. При секое враќање кај рибата на старецот, морето станува сè помрачно и поразбранувано. На крај таа посакува да стане Бог. Тогаш рибата се разгневува и се укинуваат сите желби. Двајцата се враќаат во нивната сиромашна колиба, уништени од алчноста на жената и неможноста на мажот да се спротивстави. Наравоучението е едноставно: не посакувај нешто за што не си достоен. 

Авторот на есеј на оваа тема во Гардијан ја пресликува бајката во денешницата. Младите растат со „волшебна риба“ во џебот — мобилен уред и ВИ што може да напише домашна задача, да состави есеј, да генерира филм или да обезбеди секаков вид сексуален или друг визуелен стимул. Илзебил (симболично име за современата млада личност) може да си посака пријател, терапевт или љубовник и тоа веднаш да ѝ се даде од ВИ-претставник. Нејзе секогаш ќе ѝ биде „интересно“, бидејќи алгоритмите ги наградуваат нејзините желби со внимание и валидација какви што ретко се нудат од други луѓе.

Со текот на времето, тоа полесно исполнување на желбите ја менува проценката на пречките: ако сè може да се добие веднаш, моќта на поседување престиж преку вложување напор исчезнува. Наместо тоа, Илзебил ќе се посвети на совршено составување „промптови“ — штелување на тоналитетот и градење таков стил за одговорите да ѝ изгледаат вистински. Таа нема да развие вистински вкус или чувство за творештво, туку ќе научи да „наведе“ машини да ѝ одговорат така како што посакува.

Има три можни исходи од оваа состојба.

Првиот е дека младите со доволно пари ќе се препуштат на декaденција: ќе бараат автентичност и „аура“ во продукти направени од вистински луѓе, ќе плаќаат за човечки терапевти или филмови со исти такви автори.

Вториот исход е создавањето мали, избрани заедници кои намерно си поставуваат пречки — слично на старинските ловечки или спортски клубови или на секти — каде што целта е самото трпење или редот на чекање, без вистински поголема цел.

Третиот, најверојатен исход, е внатрешната вина: Илзебил ќе чувствува грижа на совест за еколошките и општествените трошоци на масовната употреба на ВИ и ќе ја превземе таа вина како лично бреме. Таа ќе почне да се самоказнува, да го ограничува својот живот (храна, вода, движење, број на деца), да живее во режим на саморедукција и на крајот ќе умре како вид „маченичка“ за корпоративните гревови. Сликата е истовремено иронична, но и трагична.

Бајките некогаш предупредувале против наивни и неразумни желби затоа што нивната суштина е да укажат на потребата од прилагодување — растење, созревање, учење шта да се укине, а што да се остави за идните генерации. Но во свет каде што сите желби стануваат автоматски остварливи, слободата да се одлучиш и да се созрееш исчезнува. Тоа носи сосема нови проблеми: празнина, вештачка вредност и вина како замена за смисла.

16 септември 2025 - 09:07