Српскиот научник што ја реши мистеријата на ледените доба

За Милутин Миланковиќ, иако е од нашето соседство, до сега не бевме слушнале. А има интересна приказна - научно откритие до кое дошол додека бил во притвор за време на Првата светска војна, а поради кое денес се наоѓа на српска поштенска марка и динарска банкнота. 

35-годишниот српски научник Милутин Миланковиќ бил на меден месец во гратчето на неговото семејство, Даљ, кога светот преку ноќ се сменил. Тогаш, на крајот на јуни 1914, оваа територија која денес припаѓа на Хрватска била српска енклава, дел од Австро-Унгарската империја. Истата таа недела, Гаврило Принцип извршил атентат на надвојводата Франц Фердинанд, Австро-Унгарија му објавила војна на кралството Србија, а Миланковиќ се нашол среде глобален конфликт. Бил уапсен пред тој и сопругата да можат да се вратат дома во Белград. Сè што имал со себе било куферче со неколку научни статии и негови белешки. 

Првите шест месеци бил затворен во унгарскиот логор Нежидер под многу лоши услови. Сепак, со напори на неговата сопруга, Кристина, бил пуштен во Будимпешта, каде можел да работи во библиотеката на Унгарската академија на науки, под услов да се пријавува еднаш неделно кај властите. И покрај ваквиот позитивен исход, копнеел за дома и за слобода, наоѓајќи утеха само во својата работа.

Во Будимпешта, во канцеларија со прозорец кој гледал кон синиот Дунав, тој напишал книга на француски, насловена „Математичка теорија на топлотните феномени произведени со соларна радијација“. Таа ги содржи клучните пресметки за она што подоцна ќе стане животно дело на Миланковиќ: решавањето на математичките загатки за влијанието што го има постепеното менување на Земјината орбита врз количеството сончева светлина кое го добиваат различни локации низ светот. Денес неговото име се содржи во значаен термин - тн. „Циклуси на Миланковиќ“, кои се широко прифатени како причина за периодичните ледени доба кои се случувале во изминатите 2,5 милиони години. 

Но на почетокот на 20 век, пред Австро-Унгарците да го уапсат, Миланковиќ не бил многу познат како научник. Всушност, тој заработувал за живот како градежен инженер. Како тинејџер дошол во Виена да студира, завршувајќи го докторатот на тема која имала врска со подобрени начини за изработка на бетонски конструкции. Нашол добро платена работа во позната компанија во Австрија и за нив дизајнирал големи фабрики и воени објекти.

Сепак, чувствувал дека нешто недостасува, а тоа била науката. Во 1909, Универзитетот во Белград му пристапил со понуда да предава применета математика, и тој со задоволство ја прифатил и покрај многу помалата плата. На универзитетот почнал да работи на откритија на полето на теоретската физика и небесната механика. Наскоро го нашол научниот проблем кој ги задоволувал неговите космички амбиции - хронологијата на ледените доба, што тогаш било „жешка“ тема во европската и американската наука. 

Тој понудил објаснување на тоа како варијациите во орбитата на Земјата и наклонот на нејзината оска влијаат врз климатските промени и како врз основа на нив би можеле да се датираат и објаснат појавите на долгите периоди под мраз. Тоа го сторил врз основа на три елементи: ексцентричноста, односно промената на обликот на орбитата на Земјата која се случува на отприлика 100.000 години; прецесијата, односно вртежите на Земјината оска која не е постојано насочена кон иста точка во вселената; и наклонот на Земјината оска, кој се менува на секои 41.000 години (поголем наклон-поекстремни годишни времиња). 

Со комбинација на овие елементи тој успеал со голема точност да ги предвиди просечните температури на различни локации низ светот, а потоа истите калкулации ги направил наназад во времето, поточно дури 600.000 години во минатото. Така, лоцирал голем број епизоди на широко распространета глацијација, што се поклопувале со геолошките докази достапни во тоа време. 

Но неговите колеги не ги прифатиле овие идеи, нарекувајќи ги со најнавредливи зборови, „глупави“ и „ѓубре“. Неговите тврдења нема да бидат докажани многу по неговата смрт, која се случила во 1958. За макар и доцното признавање на неговиот труд бил заслужен Андре Бергер, климатолог од Универзитетот Левен во Белгија. Тој ги рафинирал пресметките на Миланковиќ, а врз основа на нив група истражувачи во 1976 објавиле револуционерна статија која го докажала влијанието на Миланковичевите циклуси врз геолошките случувања од пред половина милион години. 

Вон научните кругови Миланковиќ сепак и денес не е многу познат. Во Србија неговото име се појавува на поштенска марка и на банкнотата од 2000 динари, иако и таму малкумина ги знаат деталите за неговиот придонес кон разбирањето на тоа како функционира нашата планета. 

извор

27 август 2024 - 09:52