Растен на бибоп и свинг, Чарли Вотс, роден 1941, живеел во северо-источен Лондон, во Вембли, а ги добил своите први тапани во тинејџерските години. Подоцна се запишал во уметничко училиште и станал графички дизајнер, но во меѓувреме свирел со локални бендови.
Во 1962 се придружил на Блуз Инкорпорејтед, значаен бенд на британската ритам и блуз сцена, на чии настапи знаеле да се придружат и Брајан Џонс, Џегер и Ричардс. Но наскоро последниве двајца формирале сопствена група, Ролинг Стоунси, а Вотс се приклучил во 1963. Почнале да живеат заедно, Брајан и Кит не оделе на работа а Мик студирал, па во станот по цел ден се вртеле музики и се правеле журки.
Вотс бил познат по минималистичкиот стил на свирење, без нападни соло „испади“ и без привлекување внимание на себе - секогаш во корист на бендот. Она што помалку се знае е дека во средината на 1980-тите тој имал и свој oгромен бенд составен од 33 членови, Биг-бендот на Чарли Вотс, со кој настапувал на светски турнеи. „Кит е многу лут затоа што немаме гитарист. Смета дека тоа е богохулие. Но му реков дека со толку музичари веќе е доволно тешко да се вметнат сите солоа“, изјавил Вотс.
За разлика од возбудливите приказни за другите членови на бендот, Вотс имал стабилен личен живот: се оженил во 1964 со Ширли Ен Шепард и останал со неа до крајот на животот. Имал една ќерка и внука. Не дека немал проблеми со дрога и алкохол, но кризата ја надминал со тоа што се откажал од сето тоа одеднаш - дури и од цигари.
Книгата на Мајк Едисон, „Сочувство за тапанарот“ (2019), иако ги содржи погорните податоци сепак не е класична биографија. Бидејќи авторот и самиот е тапанар, таа содржи и анализи на „тропањето“ на Вотс на најголемите хитови на Стоунси, а под влијание на госпелот, ритамот и блузот и слободниот џез, кој на овој начин, токму преку Вотс, се вградиле во рокенролот. Чарли Вотс е многу повеќе од тапанар - според Едисон тој е сведок и преживеан воин од едно историско време, за кое се раскажува како за епско време на воени походи и големи битки.
„Чарли беше мешавина помеѓу тешко вооружен пиратолик гитарист и родово неодреден пејач. Но иако во задните редови, тој стана оската околу која се вртеа Стоунси. Еднаш одамна Вотс свиреше тапани. Но подоцна стана очигледно дека всушност го свири бендот“, пишува Едисон.