Со рацете в џеб: историја на еден моден детал

Нова книга на Хана Карлсон ги превртува џебовите одвнатре, а од нив почнуваат да се тркалаат монети, часовници, пиштоли и со векови стара социјална и политичка историја. 

Зошто машката облека има толку многу џебови и зошто тие се поголеми и подлабоки во однос на оние на женската? Како дошло до тоа „со рацете во џеб“ да означува мрзливост, ароганција, перверзија? Сето ова се обидува да го истражи професорката по историја на облеката на Школата за дизајн на Роуд Ајленд, Хана Карлсон, во нејзината нова книга „Џебови: интимна историја на тоа како ги држиме предметите блиску до нас“. 

Не сме кенгури, па со оглед на тоа што нашите тела не вклучуват делови во кои би можеле да носиме потребни нешта, најблиска варијанта на истото е носењето предмети во џебовите на облеката, која е нашата втора „кожа“.

Сепак, тоа историски не важело отсекогаш и не важело за сите. Како и голем број други добри истории, и оваа за џебовите има врска со родот и класната припадност. Во средниот век во Европа „чантичките“ биле речиси универзален елемент на облеката носена и од мажите и од жените. Но кога кројачите ги зашиле првите џебови во машките пантолани пред 500 години, тоа поттикнало контроверзи со кои се соочуваме и денес, од скриено оружје до „мањачење“ со рацете в џеб. На женската облека поголемиот дел од историјата немало вакви додатоци, можеби како превенција од криење нешта од нивните татковци и сопрузи. Мажите не располагале со џебови само ако носеле витешки оклопи, на кои немало место за влажни марамици или паричник. 

Книгата, која ќе излезе на 12 септември, е богато илустрирана, а содржи и фотографии, како онаа на Волт Витман за корицата на „Страци трева“, со рака во џебот, која тогаш била отворена провокација упатена кон „воспитаното“ однесување на средната класа. Најславните џебови сепак се оние на Абрахам Линколн, поточно нивната содржина во моментот кога тој бил застрелан во театарот Форд во Вашингтон во 1865. И денес во Конгресната библиотека се изложени: два пара наочари, крпче за нивно чистење, џебно ноже, синџирче за часовник, памучно шамивче, кожен новчаник со банкнота од пет долари и осум исечоци од весници од кои неколку со позитивни зборови за претседателот и неговата политика. Очигледно џебовите на неговата облека собирале многу. 

7 септември 2023 - 18:47