Во антологиската финална сцена од „Граѓанинот Кејн“ од 1941, главниот лик, игран од Орсон Велс, држи снежна топка во раката додека го изговара својот последен збор - "rosebud". Топчестата стаклена диорама која прикажува снежна сцена во тоа време била новина, но овој филм бил делумно заслужен за нејзината растечка популарност.
Повеќе од 80 години подоцна, тешко е да се замислат празниците без овој симбол на детската носталгија, кој е произлезен од фабрика во Виена. Денес таму има и музеј на снежната топка, кој се наоѓа во Херналс, 17-тиот бицирк, а фабриката и музејот го водат потомците на изумителот, Ервин Перзи.
Кон крајот на 19 век овој Австриец произведувал хируршки инструменти. Нeговата првична цел била да развие екстра сјаен светлосен извор кој би служел како лампа во операционите сали. Се обидувал да ја интензивира моќта на тн. Шустеркугел (Чевларска кугла), стар трик за засилување на светлината од недоволно силни извори, со поставување на топчесто шишенце пред него (види слика), што функционирало како некој вид лупа. Тој ја позиционирал Едисоновата сијалица близу кугла полна со вода, и почнал да додава рефлективни материјали за течноста да помогне да се зголеми осветлувањето - вклучително и бели честички кои лебделе внатре пред да потонат како снег.
Перзи и претходно му помагал на пријател кој продавал сувенири кои посетувале базилика на југот на Виена, за кого правел макети од цркви. Но по ова му дошла идеја - да ги комбинира двете ракотворби, со тоа што ќе ја постави црквичката на дрвена основа внатре стаклена кугла, полна со вода и бели восочни честички, со што ја создал првата снежна топка.
Наскоро сфатил дека во ова „има нешто“ и аплицирал за патент - „стаклена топка со снежен ефект“. До крајот на 1900-тата тој веќе формирал компанија со брат му Јозеф и тие отвориле мала работилница во нивната куќа, каде денес е лоцирана фабриката.
Секако, низ историјата, побарувачката за куглите се намалувала, како во текот на големите европски војни. Истовремено, се менувал и дизајнот, па наместо само цркви почнале да се прават и верзии со новогодишна елка, снешко или со Дедо Мраз.
Денес, внукот на оригиналниот Ервин кој го носи истото име и презиме само со додавката Трети, го продолжува семејниот бизнис и ја чува тајната снежна формула која прави честичките во овие кугли да траат подолго од оние на конкуренцијата, во кои тие побргу паѓаат на дното. Оригинални виенски снежни топки се имаат појавено во холивудски филмови како „Дома сам“ или „Едвард Раценожици“, а од Перзи Третиот кугли до сега имаат нарачувано тројца американски претседатели - Реган, Клинтон и Обама.