Little Red Data Hood

Си бил еден инфографик

Црвенкапа ја посетува баба ѝ од 1697, кога приказната за неа и волкот била објавена прв пат во француска антологија на детски приказни. И во оваа, од 21. век, таа го прави истото. Ама не е баш исто.

Томас Нилсон, шведски дизајнер, навидум не направил кој знае што - исто како и генерации фолклорни раскажувачи пред него, ја зел познатата нарација и ја прилагодил на неговото, односно на нашето време.

Заради нешто оваа верзија ми изгледа сепак пострашна дури и од онаа во која ловецот го сече стомакот на волкот со ножици и го полни со камења. Зошто? Затоа што таа изгледа како стерилен, емоционално празен, скроз комерцијален, индиферентен инфографик, полн со статистики, во кој сè има цена, географска локација, пресек и нутритивна вредност, со еден збор - сè се третира како податок. Црвенкапа не е веќе симпатична, наивна, дури ни благо еротски обоена во нејзиниот однос со „волкот" - таа е просто Power Point презентација, дијаграм, Топ шоп каталог.

Замислувам ваква верзија на Снежана, каде принцот прво пребарува „бакнеж" на Гугл, пред да ја залапа. А таа пак го отвара неговиот Фејсбук профил, да му го види брачниот статус. Да, животот ни е бајка.

 

25 април 2012 - 09:19