Гледајќи ја новата серија „Дама во езерото“ со Натали Портман во главната улога, дознавме за популарна практика во црните американски заедници од средината на 20 век - обложување на бројки кои зависеле од она што се сонува, а биле содржани во посебни прирачници за оваа намена.
„Ова е твојот среќен ден. Што сонуваше?“ - вака гласи наслов на книга издадена во 1926 година чиј автор е наведен како проф. Ураја Конџе. Станува збор за Афро-Американец роден во 1893, кој бил сопственик на една од најголемите издавачки куќи за соновници, Г. Париз Компани, и живеел во Њујорк. Името на фирмата е всушност неговото реално име - Херберт Гледстон Парис. Имал објавено пет или повеќе книги за врската помеѓу соништата и раната (и нелегална) лотарија во црните заедници.
Книшката од 96 страници се состои од зборови подредени по англиската абецеда со бројка до нив (на пример ножици: 186; хоризонт: 862), како и лични машки и женски имиња, денови од неделата, градови и држави и делови од телото. Таа е истовремено и некој вид историски лексикон на тоа време, поради вклученоста на зборови како линч (215), Ку Клукс Клан (000) и Конфедерација (102).
Освен зборови толкувани низ бројки се и одредени изрази, кои веројатно рефлектираат тогаш распространети суеверија: црна мачка што го сече патот, дланки што чешаат и сл.
Сепак, дел од овие изданија содржеле и поучни и мотивациски текстови насочени кон „обоените“ од светот. Оваа на Ураја во поговорот велела: „Ви се обраќам не во ритами или со рима туку со едноставен јазик. Ве поттикнувам да се разбудите и да ги подучите вашите деца на вештини и професии од секаков вид. Успехот на една нација се мери со образовните и индустриските достигнувања. Време е обоените од светот да доминираат во овие области. Не сакам да се борите за социјална туку за политичка рамноправност, затоа што ако се изборите за неа ќе ја имате и првата“.
Прилично ангажирано како за соновник, но и одличен начин да се пренесат пораки кои инаку можеби никогаш не би стигнале до играчите на „играта на бројки“.