Замислете дека се сеќавате на некоја неодамнешна средба. Во маркет сте наишле на пријател од средно, ама едвај сте можеле да се поздравите затоа што и двајцата сте носеле по два пакета пиво во рака. Мозокот ви ја процесира сцената делумно и преку тоа што ја разложува на концепти. Маркет. Пријател. Пиво. Длабоко во мозокот, се активираат неврони познати како „концепт-клетки“.
Можеби имате концепт-клетки кои реагираат на пиво, но не и на чипс (затоа што обично не јадете чипс, а и немате некој важен спомен поврзан со него). Идејата за „маркет“ е поверојатно да има своја концепт-клетка, бидејќи почесто се среќаваме со неа. А додека стоите така и освежувате спомени со пријателот, полека ви се формира и концепт-клетка за него, без оглед дали тој ви е симпатичен или не. Таа понатаму ќе се активира кога нешто ќе ве потсети на него - говор, лик или звук.
Со децении невронаучниците се потсмеваа на идејата дека мозокот може да врши ваква интензивна селекција, до ниво на индивидуален неврон. Како може да има еден или повеќе неврони за секој од навидум безбројните концепти со кои се среќаваме во текот на животот? Тоа, од аспект на еволуција и функционалност, едноставно е непрактично.
Но кога истражувачите идентификувале концепт-клетки во раните 2000-ти, исмевањето полека почнало да замира. Во текот на последните дваесет години, стана јасно дека концепт-клетките не само што постојат туку се и критични за начинот на кој мозокот апстрахира и складира информации. Нови студии, вклучувајќи и таква неодамна објавена во списанието Nature Communications, сугерираат дека тие можеби имаат клучна улога во тоа како формираме и повикуваме спомени.
Овие концепти особено се однесуваат на тоа „што“ и „каде“ се случило. Маркет. Средба. Ова звучи многу едноставно, како она познато новинарско правило на презентирање вести. Но можеби и имало и подлабока причина зошто се интересираме за овие најосновни информации - тоа е она што најлесно го памтиме и го концептуализираме, пред да навлеземе во посложеното „зошто?“.
Прв кој јавно зборувал за концепт-клетките, додуша со ироничен тон, бил невронаучникот Џером Летвин. Тој во 1969 одржал нешто што подоцна ќе стане познато предавање на МИТ. На студентите им раскажал фиктивна приказна за неврохирург кој на пациент кој имал тежок однос со мајка си му детектирал и му „избришал“ клетка од мозокот која бил кодирана за неа, и оттаму му го решил проблемот - ја отстранил сета меморија поврзана со неа. Задоволен од ова, тој го продолжил истражувањето со тоа што почнал да бара и клетки на „баби“.
Но не сите биле иронично настроени кон идејата. Во 1990-тите, истражувачки тим на Универзитетот Калифорнија во ЛА развил нов вид електрода која може да ја следи активноста на индивидуалните неврони, што било ниво на резолуција без преседан во тоа време. Еден од експериментите вклучувал покажување на слики од предмети на пациентите. После речиси една деценија истражување, се покажало дека поединечните неврони се поврзани со широки категории концепти, како лица, сцени, објекти или животни, при што на секое активирање се поттикнуваат голем број слики внатре една категорија.
Најголем иден напредок претставувале истражувањата на Родриго Квиан Квирога, со кои е поврзано и едно од првите имиња на концепт-клетките - „Џенифер Анистон“. Тој им покажувал слики од научници на пациенти со епилепсија, како Ричард Фејнман или Алберт Ајнштајн. Но кога тие не можеле да ги идентификуваат, тој одлучил да им покаже фотографии од попрепознатливи места и лица, вклучително и Џенифер Анистон, ѕвездата на „Френдс“.
Не негово воодушевување, тој нашол неврон кој реагирал на актерката. Прашањето било дали е ова реакција на конкретната слика на Анистон, или на концептот за неа. Во следен експеримент на пациентите им покажал различни слики од неа и сфатил дека истиот неврон се активира кај сите слики, но не и за слики на други актери. Тогаш почнал да идентификува неврони и на други познати лица и објекти, како Хали Бери или Кривата кула во Пиза. Кога го испишал името на Опра Винфри се активирале истите неврони кои се активирале и при покажувањето на нејзина слика. Тоа значи дека невроните не реагирале на својства на сликата, односно биле независни од контекстот, тие реагирале на Опра како концепт. Во 2005 тимот ги објавил резултатите во „Нејчр“ и од тогаш овие клетки популарно се нарекуваат „Џенифер Анистон селс“.
Јасно е дека секој од нас има различен сет концепти и клетки кои ги кодираат. Не секој ги гледал „Френдс“ толку многу за тие да му се врежат во меморијата како значајни. Поврзаноста на концептите и клетките зависи од минатите искуства и важноста што се придава на одреден спомен, лик или настан.