Што се случило кога претседателот на САД фатил грип во 1918?

Вудроу Вилсон се разболел во текот на мировните преговори во Париз, но на јавноста никогаш не ѝ била кажана вистинската приказна. 

Пандемијата на грип од 1918 убила меѓу 50 и 100 милиони луѓе низ целиот свет, вклучително и 675.000 Американци за само 15 месеци. Но како и администрацијата на Трамп, и тогаш Белата куќа главно ја игнорирала глобалната здравствена криза. Додуша тогаш имала и добра причина - низ Европа сè уште беснеела Првата светска војна, a 28-миот претседател на САД сакал да се фокусира на напорите за изнаоѓање мировно решение.

Приватно, претседателот добро знаел дека постои вирус, на кого веќе биле изложени луѓе од неговиот најблизок круг, вклучително и неговата лична секретарка, најстарата ќерка и голем број членови на тајните служби. Со грип се заразиле дури и овците во Белата куќа.

Вилсон самиот фатил грип по пристигнувањето во Париз во април 1919 на мировна конференција на која требало да се одреди насоката на поствоена Европа. Со други зборови, само што изгледало дека целата цивилизација е повторно во рамнотежа, еден од најмоќните луѓе на светот одеднаш паднал во кревет.

Но докторот Кери Т. Грејсон од Белата куќа, задолжен за здравјето на претседателот, им кажал на новинарите дека прекумерната работа и „студеникавото и дождливо време“ во Париз биле причината за температурата и настинката. На 5 април Асошијетед прес известил дека Вилсон „нема грип“.

Но зад сцената на човекот му било ептен лошо. Не можел ни да седи во кревет, имал напади на кашлица, стомачни тегоби и висока температура. Најлошо било кога почнал да дава „неочекувани наредби“ и да крева џева за чудни нешта. На два пати направил сцена за некакви делови од мебелот кои според него исчезнале иако ништо не било поместено. Покажувал и други знаци на целосна дезориентираност. Во еден момент бил уверен дека е опкружен со француски шпиони. Дури и по оздравувањето изгледа дека долго време не бил баш со сите.

Вилсон пред грипот сметал дека сојузниците не треба да бидат престроги со Германците, како основа за формирањето на Лига на нациите, но францускиот премиер Жорж Клеменсо сакал да настапи поостро. Неколку дена по болеста, Вилсон се согласил со барањата на светските лидери, казна која била толку голема за Германците што тоа станало основа за обновен германски национализам и на крај подем на Адолф Хитлер.

Секако, не е јасно дали историјата би била поинаква доколу Вилсон не се разболел. Шест месеци по грипот тој доживеал многу силен удар кој го парализирал на левата страна и делумно го ослепел. И тогаш ова било криено од медиумите и од јавноста, а причината била што Уставот не бил јасен околу условите под кои претседателот можел да се прогласи за неспособен. Појасен протокол бил воспоставен со ратификацијата на 25-тиот амандман во 1967, на кој медиумите се повикуваат и сега, во случајот со Доналд Трамп.

Иако состојбата на Вилсон малку се подобрила во последните години од неговиот живот, всушност работите во голема мерка ги вршела неговата сопруга Едит. Починал три години откако ја напуштил функцијата, на 3 февруари 1924.

извор

5 октомври 2020 - 08:05