Што можеме да научиме од „непреводливите“ болести?

Од загадочно пореметување кое се карактеризира со голем бес, вовлекување на машките гениталии, до болест на прекумерно мислење, постојат ментални нарушувања кои можат да се добијат само во некои култури. Зошто?

„Не се плашете од коро“, гласел маркантен наслов во весникот Стрејтс Тајмс на 7 ноември 1967. Илјадници мажи спонтано биле убедени дека нивните пениси се смалуваат, и дека по некое време ова ќе ги убие.

Наскоро почнала масовна хистерија. Мажите очајно се обидувале да си ги зачуваат гениталиите, користејќи што ќе им се најде при рака - ластици, жица, штипалки за алишта. Некои локални доктори ја искористиле приликата да заработат, препорачувајќи различни инекции и традиционални лекарства.

Муабетот помеѓу луѓето било дека причинител на „болеста“ е некоја храна, односно месо од прасиња кои биле вакцинирани во рамки на владина програма за поддршка на сингапурските фарми. Продажбата на свинско драстично опаднала. Иако властите се обидувале да ја смират ситуацијата објаснувајќи дека се работи за лажна гласина, тоа не вродило со плод. На крај 500 луѓе побарале помош во локалните болници.

„Коро“ се јавува од време на време во културите низ светот. А името најверојатно произлегува од јавански збор за желка, асоцирајќи на тоа како изгледаат кога ќе си ги повлечат главите во своите оклопи. Последната „епидемија“ се појавила во 2015 во источна Индија, и погодила 57 луѓе, вклучително осум жени, кај кои се манифестирала со страв дека брадавиците им се повлекуваат во телото.

Низ историјата вакви „непреводливи“ нарушувања се проучувани како научни куриозитети, кои постојат во делови од светот каде луѓето „толку знаат“. Од друга страна, западните ментални болести се сфаќаат како универзални, и си го наоѓаат местото во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални болести (Американската психијатриска „Библија“).

Во централниот регион на Хаити, луѓето често паѓаат болни од „рефлечи твоп“ (reflechi twop), или „премногу мислење“, кое вклучува детално анализирање на сопствените маки, до степен што човекот не може да излезе од дома од малаксаност. Во Јужна Кореја, пак, има „хва-бјунг“ (Hwa-byung), вирус на бесот, кој се појавува кога човек си ги потиснува чувствата, особено доколку му е направена некаква неправда. Се манифестира со висока температура, како телото да гори, а најчесто се појавува при разводи и конфликти со блиското семејство.

Овие ментални болести можеби звучат ексцентрично или измислено, но всушност тие се сериозни и легитимни ментални проблеми кои влијаат на огромен број луѓе. На пример за хва-бунг се смета дека погодува околу 10,000 Корејци годишно, а ова е докажано со мозочни скенови на оние кои тврделе дека се „заболени“ - нивните мозоци покажувале пониска активност во оние делови поврзани со контрола на импулси и емоции. И ова има логика, со оглед на тоа што станува збор за лутина.

Прашањето од што зависи појавата на некои од овие нарушувања, и зошто во последно време исчезнуваат, ги мачи антрополозите и психијатрите. Изгледа дека најпрвин би требало да се откажеме од идејата дека целото човештво е подложно на истите ментални болести, бидејќи помеѓу културите и местата на живеење има големи разлики, кои можат и историски да се менуваат - заради војни, природни катастрофи и сл. Фактот што тие се појавуваат и се губат значи дека не се врзани со генетски фактори, бидејќи за промена во оваа смисла се потребни стотици и илјадници години.

Второ, како што сугерира медицинскиот историчар Едвард Шортер, секое општество изгледа дека има сопствен „репертоар на симптоми“, односно опсег однесувања кон кои несвесно се приклонуваме кога почнуваме ментално да се дестабилизираме. На пример, жените од викторијанското доба обично во таквите ситуации паѓале во несвест, додека во денешна Кина поверојатно е дека би имале стомачни проблеми. Во зависност од тоа што се смета за „нормален“ симптом во нивните култури, тие придаваат важност на едни, а маргинализираат други.

Дали некој може да се разболе само од страв, тоа не е баш јасно. Но нашите мисли и чувства можат да имаат видливо физичко влијание, како кога пациент очекува дека некое лекарство ќе има нуспојави, па тоа така и се случува - ефект познат како ноцебо (спротивно од плацебо).

Бони Кајзер, експерт по психолошка анатропологија на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего, вели дека дефитивно има примери каде значењето кое им се придава на искуствата биолошки ги менува. Притоа дава пример со болест наречена киол геу (kyol goeu), буквално „премногу ветар“, загадочна несвестица која е честа помеѓу Кмерите-бегалци во САД. Во нивната родна Камбоџа се верува дека телото е полно со канали кои содржат супстанца слична на ветер, и кога тие ќе се блокираат, од ветерот кој е заробен внатре човек може да се парализира или да умре. Можеби некој друг би ја толкувал несвестицата како моментална слабост и би чекал да помине, но еден Кмер би испаничил дека неговата состојба е сериозна, што само би ја влошило истата.

Кога станува збор за западните ментални болести некако сме навикнати да ги земаме здраво за готово. Но можеби некои од нив спаѓаат во иста категорија. На пример булимија ретко има во источните култури, додека пред-менструалниот синдром (ПМС) воопшто не е регистриран во Кина, Индија и Хонг Конг. Иако е контроверзно, постои и тврдење дека депресијата е пронајдок на земји во кои англискиот е мајчин јазик, а нејзиниот извор е погрешната идеја дека е нормално да се биде „шајни-хепи“ цело време. Додека западот ја смета депресијата за некаков хемиски дисбаланс, и зема лекарства за повторно да ја воспостави рамнотежата, луѓето во Азија ова го сметаат повеќе за социјален и духовен проблем и на ваков начин се обидуваат да го решат.

Ова значи и дека при третман на пациент многу е важно да се земе предвид неговата културолошка позадина. Хомогенизирањето на начинот на кој светот може да полуди значи да се пропуштат точни дијагнози и третмани кои би дале најголем ефект кај поединечните случаи.

извор