Пештерски луѓе на Твитер

Што би мислел Платон за современата култура?

Што би рекол Платон за Гугл, магнетна резонанца или за Сител - тоа се оние прашања кои на прв поглед делуваат евтино, но од друга страна овозможуваат таков увид во ставовите на античките филозофи кои инаку делуваат неповрзано со современиот живот. 

Писателката и филозоф Ребека Голдштајн во нејзината нова книга која ќе излезе од печат оваа недела,  „Платон и Гуглплекс: зошто филозофијата не застарува", преку познатиот модел на Платонови дијалози ги истражува основните прашања за природата на уметноста, знаењето, љубовта и образованието, сето тоа ставено во современ контекст. Како би се однесувал Платон доколку би имал Фејсбук профил, што би пребарувал на Гугл, кои серии би му се допаѓале и воопшто, каков би бил неговиот однос кон нашата стварност - тоа се прашањата кои ги поставува оваа книга.

Во интервју за Атлантик авторката, доктор по филозофија од Принстон, чии претходни романи се однесуваат на Спиноза и Гедел, вели дека преку гласот на Платон таа сакала да го оживее гласот на филозофијата воопшто. Но и да замисли како тој би реагирал на, на пример, културната доминација на телевизијата и киното пред кажаниот или пишаниот збор.

Според неа, тој би бил многу вознемирен од ваквиот развој на настаните, бидејќи според неговата позната алегорија на пештерата во „Држава", најниската форма на свест е онаа на затвореници во темнина кои се ѕверат во подвижни слики - сенките кои ги формира светлината во пештерата. Да се мисли за него бил активен принцип, а пасивноста, во форма на „дремење" пред телевизор или компјутер, смрт за умот.

Но тој сепак не би се противел на социјалните мрежи, бидејќи тие вклучуваат вербална размена - Голдштајн има отворено и твитер акаунт Plato on Booktour на кој постира замислени твитови на Платон, во кој тој го коментира сето она што го чини 21. век. А Твитер делува и како супер замена на античката Агора, местото каде луѓето се собирале да разменуваат мислења, односно да се расправаат.

Античките Грци, освен тоа, биле исто толку опседнати со славата и славните личности како и ние денес. За нив, бидејќи не верувале во задгробен живот, ова било начин да се победи смртта. Но „празната" забава за Платон не би бил вистинскиот начин да се одбегне анонимноста, особено не ако таа се базира на слики. Поезијата е нешто друго, и славата постигната преку неа е нешто што тој би го поддржал и охрабрил.

Што се однесува до денешните спортови и Олимпијади, Платон не само што би се радувал што луѓето уште се палат на спорт, туку можеби и самиот би се пријавил да учествува на некој натпревар во боречкиот ринг, но сосема гол и не како професионален атлет. Еден од неговите изненадувачки ставови во врска со жените е дека и тие би требало да се занимаваат со вакви активности, дури и кога се „збрчкани".

Единствено за што авторката не може да го поднесе е неговиот (не)избор на музика - кога Платон би имал плејлиста таа би била или сосема празна, или би имало само некоја свечена, речиси воена музика. Тој имено сметал дека музиката во нас ги буди емоциите, а тие, како спротивни на разумот, не ни носат ништо добро. Од филмовите најверојатно би му се допаднале Матрикс и Труманс Шоу, затоа што и тие се занимаваат со лажноста на она што на луѓето им се сервира како реално.

А дали Платон би бил редовен професор на некој од денешните универзитети? Па тој секако доста објавувал, учествувал на конференции (па макар и гозби) и имал верни студенти. За разлика од Сократ кој сигурно би бил исфрлен од која и да е катедра после еден семестар.

6 март 2014 - 09:29