
Нова книга на Сара Најт има еден од оние наслови кои во последно време се во тренд - безобразен збор со ѕвездичка. F*ck No! има повеќе од 300 страници за тоа како да кажеш еден единствен збор, кој на повеќето јазици во светот има само две букви.
Во моментов, под карантин, не сме толку оптоварени како претходно, и тоа за некои од нас е добра лекција - да внимаваме повторно ментално да не заглавиме со многу кажување „да“ и прифаќање на различни обврски кога, и ако работите се вратат на старо.
Долго време пред социјалното дистанцирање, Најт веќе била експерт во кажување „не“, како постар уредник во познатата издавачка куќа Сајмон и Шустер во Њујорк. Но одбивањата се однесувале на ракописите кои таа сметала дека не се соодветни за издавање. Што се однесува до неа самата, професионално била блиску до „прегорување“, со панични напади и постојани прашања - дали ќе може да го работи истото, и со истото темпо, до крајот на животот?
Заштедила пари колку за една година, дала отказ, го продала станот и се преселила во - Доминиканската Република. Сега живее во мало рибарско село под име Лас Теренас. Тука нема туристички одмаралишта, удобно е и...изолирано. Таа и сопругот живеат на пет минути од морето, со две улични мачки, Гледис Најт и господин Струси. Двајцата стануваат на пладне и не знаат што ќе прават дента. Делува мрзливо, но сепак е неверојатно продуктивно. Тука Најт има напишано два прирачника за самопомош и четири книги. Сега работи нa петата.
F*ck No! е дел од серија под наслов No F*cks Given Guides, од која се веќе излезени Calm the F*ck Down и првата книга на Најт, The Life-Changing Magic of Not Giving a F*ck.
Нејзиниот метод на ментално чистење има два чекора: отстранување и организирање. „Отстранување“ значи бришење на нештата кои не ти вршат работа, кои те вознемируваат и не ти носат радост. По овој чекор следи вториот, организирање на животот околу она што е останато, значи околу важните работи.
За побезболно да се дојде до ова, битно е да се научи да се вели „не“. Но за тоа да биде полесно и не толку грубо, Најт нуди решение - „не, но...“ (пример: „Не можам да одам утре на родителска, ама ќе направам колаче за кога ќе се вратиш“). Идејата не е да се отиде во друга крајност и да се биде супер-негативен, туку да не се испуштат од вид сопствените потреби. И таа признава дека ваквата „себичност“ полека се развива со годините, но дека е убаво да се почне со практикување на филозофијата на „не“ со време, пред да биде предоцна.