„Сабја“ не е само серија за атентатот врз Ѓинѓиќ туку и за современите медиумски (не)слободи во Србија

Од некаков уметнички аспект, серијата која ги прикажува настаните пред и по атентатот на поранешниот премиер Ѓинѓиќ, можеби и не е некој врв на телевизијата. Но детали од неа, особено таквите поврзани со новинарската работа во Србија на почетокот на овој век, се баш погодени, за со истите (носталгично) да се спореди денешната ситуација. 

пишува: Теофил Панчиќ

Постојат две групи луѓе кои се „политички“ крајно незадоволни од серијата „Сабја“ и со она што го читаат - со причина или без - како нејзино толкување на неодамнешната историја и нејзиното зрачење на сегашноста. Едни се оние на кои им пречи „идеализацијата“ на Зоран Ѓинѓиќ и кои сметаат, иако нема така да кажат - ако баш не се Војислав Шешељ - дека „предавникот и онака требало да се убие“. Во самата серија таквите се прикажани низ ликот на таксист кој бучно се радува на веста за премиеровата смрт, што е сосема релистична слика, иако многу полошо од тоа е дека на таквата радост ѝ се препуштаа имногу поопасни и потоксични ликови од некојси таксистички мангуп, дури и од еден пробисвет кој, многу години подоцна, ќе стане премиер и претседател на земјата, а уште не е исклучено дека ќе стане и патријарх, диригент на Филхармонија или селектор на фудбалската репрезентација (пардон, ова последното веќе е, само волонтерски). Друг вид хронични, предвидливи, предвидени и остварени незадоволници се - такви ги има далеку помалку и не се општествено опасни, само се досадни како прилив - оние фанатични фанови на приказната за „политичката позадина“ на атентатот (како воопшто да било можност едно такво убиство да нема дебела - Де-Бе-ла? - политичка позадина), па ниедна колку-толку реалистична варијантна на приказната некако не ми е доволно политичка. Единствената која можеби би ги задоволила е онаа во која би било експлицитно кажано, и тоа така за да биде јасно дека тоа е ставот и пораката на авторот на серијата: „Војислав Коштуница го уби Зоран Ѓинѓиќ“, а уште подобро би било доколку би се покажало дека Коштуница лично пукал од снајпер, додека таканаречениот Звеки го подметнале како српски Ли Харви Освалд, say-no-more. Бидејќи никој нормален нема никогаш да ја задоволи нивната фантазија, тоа незадоволство ќе им остане трајно.

Но, да го баталиме тоа, а нема да се занимаваме ни со таканаречените уметнички дострели на серијата, затоа што ова е полит-културолошка колумна, а не ТВ критика (иако тоа нема да ме спречи срдечно да ви ја препорачам бидејќи и покрај веројатно неизбежните недостатоци вреди секоја минута вложена во неа). Она што тука ме интересира е еден аспект на приказната за кој, колку што забележав, воопшто не стана збор во остатокот од закланата српска јавност (а кој е многу поважен од тоа дали на пример Беба Поповиќ добил преголема минутажа и слично на тоа).

Тоа е, имено, улогата на медиумите, нивното значење и влијание, профил, внатрешната организација, нивното саморазбирање, како и разбирањето на нивната улога во општеството, вклучително и оној дел од општеството кој поседува реална политичка моќ, формална и неформална. Иако амбициозната новинарка Даница работи на недефинирана ТВ станица, на која по малку отскокнува со својот соло пристап и некој вид своеглавост, не е баш дека поради тоа некој систематски ја цензурира и ја казнува. Таа е олицетворение на „промоторите на демократските промени“, кои веќе во - годините се 2001, 2002, 2003...! - се разочарани во постмилошевиќевата стварност, а самиот Ѓинѓиќ го третира како помалку или повеќе залуден рејтинг-ефенди, кој („наместо да се занимава со суштинско реформирање на општеството, нели така) заради кревање на опаднатата популарност дури и ќе измисли (пардон, ќе спинува) обид за атенат врз себе на автопат. Подоцна, кога ќе се случи тоа што ќе се случи, Даница доживува некој вид катарза и станува најупорниот и најхрабриот истражувач на околностите и позадината на атентатот... Во тоа понекогаш јуриша со непроверени претпоставки, влегува во судири со својата уредничка (која повеќе делува како понекогаш и превнимателен чувар на занаетските стандарди отколку како цензор во име на сопственик или која било политика) и другите колеги, а на крај во редакцијата се појавува и самиот чичко сопственик на телевизијата, фрустриран што, ете, некои негови новинари прават сè посериозни проблеми, но доаѓа без стап, како да сака повеќе да измоли разбирање отколку да втера покорност. Елем, нештата некако се тркалаат, Даница, макар и со досетки, успева да го пласира во јавност, на национална фрекфенција, она што ѝ е важно, а ни другите, што на нејзината телевизија, што во другите медиуми, не се баш глупави. Политичарите повремено се нервираат поради медиумите, но изгледа дека не можат многу да ги спречат и да ги замолчат, а не делува ни дека имаат таква намера, затоа што, хм, „тоа премногу би личело на она против што се боревме“, зарем не? Вонредната состојба (тн. Сабја) непријатно ги заострува правилата на играта, но...кога гледачот од 2024 го гледа сето ова, Србија од „Сабја“ му изгледа како земја на речиси анархични медиумски слободи. 

Дали навистина беше така? Не би било тешко да се пронајдат примери кои би докажале дека е поточно да се каже дека не била отколку дека е. Па сепак, ова воопшто не го девалвира непријатниот впечаток на гледачот од 2024, затоа што тој, ако го ставиме во вистинскиот контекст, е во доволна мера и тоа како точен.

Ако постои аспект на серијата „Сабја“ кој е речиси радикално субверзивен кон владеачкиот политички наратив на денешнината, тогаш тоа е точно приказот на медиумскиот пејзаж на Србија од самиот почеток на векот, од времето на „диктатурата на досманлиите“. Носталгично или трауматично? И едното и другото, не ми ги одделувајте.

13 декември 2024 - 12:46