„Ракуго“, што во буквален превод значи „паднати (расфрлани) зборови“, е древна јапонска раскажувачка вештина. Говорникот седи на сцена или среде публиката, симулира разговор помеѓу повеќе ликови со промена на тонот на гласот и дискретно вртење на главата, умерени телесни гестови и само два дозволени реквизити - лепеза и шамивче. Еден од неговите описи соодветен за западната публика е „ситком со еден актер кој ги игра сите улоги“.
Имислен од будистичките монаси во деветиот век како форма на пи-ар, за населението повнимателно да ги слуша нивните проповеди, со текот на времето станало забава на феудалната класа, а подоцна и за посиромашните. Секоја приказна, комична или сентиментална, мора да заврши со поента, или „очи“. Постојат 12 кодифицирани и признаени видови „очи“, но и комплексни варијации кои се развиле од нив. На репертоарот на мајсторите има неколку стандардни приказни кои се раскажуваат без големи варијации, но дозволено е и составување оригинални приказни според утврдената шема. На оваа традиција се однесуваше филмот „Гласот на неговиот господар“ од 2014, кој се прикажа во рамки на деновите на јапонски филм во Кинотека.
Со оглед на строгоста на јапонските традиции, прилично е необично доколку ракуго мајстор е странец. Во случајов станува збор за Грегори Робиќ (1970), по потекло Словенец, чие уметничко јапонско име е Кацура Саншајн. Во моментов живее во Њујорк, а за него дознавме од информација во октомврискиот број на Њујоркер, каде се најавуваат серија негови настапи оф-Бродвеј. Во моментов постојат 800 јапонски мајстори на ракуго, неколкумина странци, но (барем според најавата) само еден кој не живее во Јапонија. Крупниот русокос Канаѓанец има специфичен динамичен стил (кој веројатно на Јапонците им делува прилично нејапонски), а неговиот репертоар содржи приказни за реинкарнација која тргнала наопаку, или за арогантен пријател кој со измама е натеран да изеде расипано тофу. Претходно Саншајн бил познат во Торонто по својата музичка верзија на „Облаци“ од Аристофан, чии дела долго време ги преведувал како дел од своите студии по класични јазици.
Во 2008 тој бил прифатен како ученик од страна на мајсторот по ракуго, Кацура Бунши Шести, а по строгата обука му било дозволено да настапува и сам. Еве негов скеч за тоа како да зборуваш совршен јапонски без воопшто да учиш (7 мин). Можеби при стенд-ап комичарите се уморуваат од стоење, ама секоја чест за Кацура што успева толку долго да седи во „сеиза“ (со нозете под себе) и да биде смешен додека ги објаснува и јазичките, но и културолошките разлики меѓу исток и запад.