Два века од првиот сајбер напад

Во 1790 Франција создала национален механички телеграфски систем. Во 1834 двајца измамници по име Франсоа и Жозеф Блан го извршиле првиот „сајбератак“ врз него, манипулирајќи ги податоците кои минувале низ системот за на тој начин нелегално да заработат на берзата.

Оваа приказна е од книгата „Викторијански интернет“ на Том Стендиџ, заменик уредник на Економист, од 1998, која прави паралела меѓу телеграфскиот „меур“ и оној на интернет од доцните 1990-ти. Неговата понова книга од 2013, „Пишување на ѕидот“, ги трасира „првите 2000 години на социјални мрежи“, од писмата кои ги разменувале римските функционери на папирус, преку развојот на рачно печатените трактати за време на реформацијата, до памфлети кои ширеле пропаганда во текот на амерканската и француската револуција.

Со оглед на тоа што Стендиџ има завршено инженерство и компјутерски науки на Оксфорд, тој многу добро ги познава обете страни на приказната, и историската и онаа современата. Техничкиот начин на кој го извеле нападот спомнатите пра-хакери било со тоа што откриле „баг“ во тоа како механичкиот телеграф го користи „бекспејс“, односно знакот за враќање еден карактер поназад. Но ова е само еден аспект на пошироката економска и социјална лекција од историјата од која, како што вели Стендиџ, може многу да се научи денес:

Првата лекција е да се одбегнува некритичката самозaдоволност. Сајбер нападите често поминуваат незабележани со години, а голем број од нив никогаш не се детектираат. Малвер програмите кои прават голема штета пристигнуваат на насловните само кога нивните ефекти се премногу видливи, што дава неточна слика за обемот на проблемот на сајбер безбедноста. Повеќето напаѓачи, како браќата Блан, не го рекламираат своето присуство.

Второ, без оглед на технологијата, безбедноста е како синџир, а луѓето секогаш се најслабата карика во него. Францускиот телеграфски систем изгледа безнадежно небезбеден за модерните очи, со телеграфски кули кои се лесно пристапни. Но главната слабост и тогаш биле човечките пропусти на корисниците, нешто што е клучно и денес. Фокусирањето на безбедноста како чисто технолошки предизвик значи да се пропушти значаен дел од сликата: таа зависи од вистинските социјални и економски поттици.

Нападите на мрежите не важат само за модерните електронски мрежи - тие се исто толку стари колку и самите мрежи. Приказната за браќата Блан е потсетник дека луѓето, со секое ново откритие, секогаш ќе најдат начин да го изманипулираат. Ова е безвременски аспект на човечката природа, а нешто што треба да се очекува дека ќе го реши технологијата.

извор

29 мај 2018 - 09:15