
Кога Османлискиот султан Мехмед II го освоил Цариград во 1453 година, Европа била потресена. Папата Пиј II дури ја опишал загубата на престолнината како „второ умирање на Хомер и Платон“. Многумина се плашеле дека христијанскиот начин на живот ќе биде целосно уништен под муслиманска власт. Но додека Османлиите бргу ја освојувале Грција, малкумина во западна Европа знаеле што навистина се случува таму.
Во 16 век, еден човек решил да дознае: германскиот лутерански професор по грчки, Мартин Крузиус (1526–1607). Иако никогаш не отпатувал во Грција, од своето училиште во Тибинген тој посветил речиси 40 години на собирање информации за животот на Грците под османлиска власт. Неговата работа го направила еден од првите и најпосветени европски „филхелени“ – љубители на грчката култура.
Крузиус водел обемен дневник од девет тома, бележел сè – од гости на вечера до вести од Истанбул, описи на грчки народни песни, носии, јазик, религија. Извори му биле патеписи, ракописи, антиквитети и писма од германски дипломати. Но највредните информации ги добивал директно, од речиси 40 Грци – мажи и жени кои, патувајќи низ Европа, привремено застанувале во Тибинген. Крузиус им нудел кревет, храна и пари, а за возврат тие му раскажувале за својата култура. Врз основа на кажувања тој се обидел дури и да направи мапа на Атина (слика горе).
Некои му пееле песни, други му готвеле кипарска храна или му цртале мапи на Атос. Еден гостин, Стаматиос Донатос, иако неписмен и со познавање на само неколку зборови германски, станал негов „жив лексикон“ и му помогнал да го разбере современиот грчки јазик, објаснувајќи му зборови со гестикулации. Крузиус дури и ја бележел терминологијата поврзана со домот така што гостите му ги именувале предметите во неговата куќа.
Сето ова го објавил во книгата Turcograecia (1584), која подоцна ќе ја користи и славниот Едвард Гибон во „Историја на падот на Римската империја“. Но делото било бргу заборавено. Дури во 20 век, благодарение на еден друг учен човек – османлиски Грк од Истанбул по име Василеос Мистакидис – архивата на Крузиус повторно излегла на виделина, откривајќи еден сосема поинаков поглед на животот на Грците под Османлиите. Мистакидис, по тригодишен престој во Тибинген, објавил серија статии кои репродуцирале извадоци од тетратките и дневниците на Крузиус и повторно откриле како тој, без воопшто да го напушти домот, станал најголем експерт за Отоманска Грција.