На жежок летен ден во 1856, детективот Алан Пинкертон кренал глава од своето работно биро и ја поздравил младата девојка која стоела пред него. Претпоставил дека таа не го доразбрала огласот којшто го објавила неговата фирма, Пинкертоновата национална детективска агенција, базирана во Чикаго.
Како што ѝ објаснил на посетителката, тој не барал секретарка. Но Кејт Ворн, 23-годишна вдовица која неодамна пристигнала од Њујорк, имала поинаква улога на ум - сакала да биде неговиот најнов детектив.
Никогаш претходно, ниту една детективска агенција во САД немала ангажирано жена-истражител. Но Ворн имала убедливи аргументи. Таа можела лесно да се инфилтрира на разни места, бидејќи никој не би се посомневал дека таа е таен агент, можела да им стане пријателка на жените и девојките на осомничените и да прави многу други нешта за кои мажите немале око или осет.
Ова го пишува Брад Мелцер, ко-автор на бестселерот од 2020, „Заговорот Линколн: тајниот план да се убие 16-тиот американски претседател, и зошто тој не успеал“. Приказната за Ворн е вклучена во неа затоа што нејзиното ангажирање како агент всушност било клучно за спасување на животот на Линколн, непосредно пред неговата инаугурација во март 1861. Заедно со неколку колеги од агенцијата Пинкертон, таа се инфилтрирала во сецесионистички заговор за атентат, кој требало да се случи во Балтимор, единствениот град кој во тоа време се уште дозволувал робови (освен главниот, Вашингтон). Претседателот требало да помине низ него на своето патување од Спрингфилд, Илионис.
Ворн успеала во ваквата задача со тоа што се преправала како јужњачка од Алабама, користејќи псевдоними како госпоѓа Чери или госпоѓа Барли. Присуствувала на забави со амблемот на сецесијата (наречен „кокада“, вид јазол од ленти со препознатливи бои - сина, црвена и бела) на своите гради. Се спријателила со жените и сестрите на човекот кој имал намера да го убие Линколн и на тој начин помогнала да се разреши случајот.
Водач на заговорот наводно бил Цирпијано Фернандини, бербер од Корзика, кој го мразел Линколн поради аболиционизмот. Но иако имало голем број докази за неговото учество во планирањето на атентатот, тој никогаш не бил осуден, а не се ни знае колку луѓе биле вклучени и колкава всушност била реалната закана по животот на претседателот.
За да се одбегнат гужвите по улиците по пристигнувањето во Балтимор, претседателот бил качен на ноќен воз кој пристигнувал во градот во 3:30 наутро. Ворн во возот се претставила како негувателка на Линколн и ги здобила симпатиите на кондуктерот кој им овозможил цел вагон само за четворица (таа, претседателот, Пинкертон и телохранителот на Линколн). Кога излегле од возот Ворн му набила шапка на главата на својот штитеник и го замотала во шал. Движејќи се покрај него воопшто не привлекувала внимание како што тоа би го направил крупен маж за кого би било очигледно дека е телохранител.
Подоцнежното лого на Пинкертон - големо око кое не трепка со мототот „Ние никогаш не спиеме“ веројатно потекнало од улогата на Ворн која го чувала Линколн без око да склопи во ноќниот воз. Подоцна претседателот ѝ оддал признание велејќи дека преку неа остварил „шармантна и исполнувачка релација со жена“. Но детективката била помалку поетична во нејзината проценка на претседателот: „Господин Линколн е многу лежерен, и толку многу висок што не можеше да легне во својата лежалка“.
За жал, Ворн починала на само 34 или 35 години, а еден весник од Охајо во некрологот забележал дека таа била „несомнено најдобрата жена детектив во Америка, ако не и во светот“.