Од своето формирање во раните 1970-ти, Музејот Вент Хевн во Форт Мичел, Кентаки е единствениот од ваков вид кој е целосно посветен на сценската вештина која вклучува актер кој го зајми својот глас на кукла која изгледа како да зборува. Некои од експонатите датираат од Граѓанската војна во САД.
Вентрилоквизмот има долга историја, а првите референци се наоѓаат во египетската и хебрејската археологија. Низ вековите се практикувала како вештина во бројни култури, но како форма на забава започнала во 16 век од Луј Брабант, главен слуга на кралот Франсоа Први, кој на овој начин ги забавувал дворјаните.
Но имало и такви кои сметале дека ова претставува форма на демонска опседнатост и е пример на тоа како ѓаволот користи човек како негов „гласноговорник“. Оттаму на стомакозборците се гледало и со зазор, што веројатно придонело куклите како овие од колекцијата на музејот да се појавуваат во хорор филмови, како независни од своите човечки сопственици (со тоа големите очи...).
Она што е интересно за збирката е и тоа што секоја кукла е уникат, а со оглед на тоа што вентрилоквистите користат само една кукла целиот живот, како сопствено алтер-его, вредноста на експонатите е голема. Тие не смеат да се допираат или со нив да се настапува во склоп на музејот, од почит кон сопствениците кои веќе не се со нив. Огромната колекција се протега на четири згради, а музејот во моментов води кампања за собирање средства за преселба во уште поголем објект.