По повод 70-годишнината од посетата на Синатра на Бирмингем, каде настапувал во текот на својата британска турнеја од 1953, тамошниот Театар Реп ќе организира светска премиера на мјузикл посветен на славниот пејач.
Тина Синатра, неговата ќерка, верува дека претставата ќе фрли свежа светлина врз животот на татко ѝ, односно ќе го прикаже „онаков каков што не е познат до сега“.
Автор на текстот е aмериканскиот драматург Џо ДиПјетро, кој зборувајќи за влијанието коешто го имал пејачот врз него изјавил: „Додека растев, две слики висеа во кујната на баба ми - Папата и Френк Синатра. Оттаму, да се седне со Тина и да се слушаат приказни за татко ѝ кои никој не ги знае, и истите да се постават на сцена - верувам дека тоа ќе резултира со неочекуван и возбудлив нов мјузикл“.
Тимот се надева дека ќе го повтори успехот на претходни претстави базирани на животите и кариерите на познати музичари, на пример „Трилер“ кој се однесуваше на музиката на Џексон 5 и соло кариерата на нивниот најпознат член, Мајкл (премиерата се одржа во Лондон во 2009), како и „Тина: мјузиклот“ кој го опишува животот на американската пејачка од скромните почетоци во Натбуш, Тенеси до статусот на рок ѕвезда (исто така Лондон, 2018).
Во претставата приказната за Синатра почнува на Нова година 1942, кога 27-годишниот Френк треба да излезе на сцена на њујоршкиот театар Парамаунт, на концерт кој ќе му го промени животот. Таа ги покрива и турбуленциите кои го следат откако ќе стане славен, особено оние поврзани бракот со Ненси и аферата со филмската ѕвезда Ава Гарднер. Тоа е прв официјален мјузикл базиран на животот и кариерата на овој пејач.