Во 2021, среде пандемијата која предизвика наплив на некролози за познати и непознати луѓе, нè одминала веста за смртта на Карла Валенда, последниот преживеан член на циркуската трупа „Летачките Валенди“, попозната како жената која во 2016, на 81 година, успеа најпрвин да искачи столб од над 25 метри а потоа да изведе и акробатска точка на него. И сето тоа без сигурносна мрежа.
Таа е меѓу ретките од нејзиното биолошко и циркуско семејство кои дочекале старост и починале од природни причини. Нејзиниот татко, Карл Валенда, роден во Германија во 1905, и самиот бил дете на стара циркуска фамилија, и почнал да настапува уште од 6-годишна возраст. Формирал своја трупа во 1922, а неколу години подоцна дебитирале во САД во големата сала на Медисон Сквер Гарден. Сигурносната мрежа се загубила некаде при транспортот, па тие морале да ја изведат опасната точка на балансирање на жица во форма на човечка пирамида без неа. Публиката ги наградила со стоечки овации, по што Карл одлучил истата точка секогаш да биде изведувана на овој начин.
Така терале до 1962 , кога при настап во Детроит еден од акробатите се спрепнал на жицата и пирамидата се срушила. Биле убиени зетот на Валенда (за втората ќерка Џејн), неговиот внук, а посвоениот син Марио бил парализиран од појасот надолу. Самиот Карл си ја повредил карлицата, а сестра му се пуштила од жицата за којашто се држела за да падне во набрзина поставената мрежа, но притоа се одбила од земја и се здобила со повреди на главата.
Следеле уште трагедии, во кои при истата точка починале и други членови на семејството, што од пад, што од допир со стапот за балансирање во електрични жици. Во 1972 од пад од 18 метри починал и Ричард Гузман, сопругот на Карла. Сепак, таткото не се откажувал и продолжил да настапува на жица, што сам, што со помала група, во која често се појавувала и ќерка му Карла. Во 1978 изведувал промотивен настап помеѓу кули на хотел во Пуерто Рико. Паднал и починал од удар на тротоарот пред очите на стотици насобрани. Имал 73 години.
„Несреќи можат да се случат насекаде“, изјавила Карла во 2014. „Морам да заработувам за живот, и ова е единствениот начин на кој знам да го правам тоа. Имам работено како келнерка и ја мразев секоја минута. Зошто да се занимавам со нешто што го мразам?“.