Приказна за Оскар: вулканолозите што живееа и умреа заедно

Експлозивен документарец номиниран за овогодинешниот Оскар, за пар истражувачи поврзани преку нивната љубов кон вулканите, чија опсесија да бидат блиску до сè што татни, блуе лава и чади ќе ги чини живот. 

Катја и Морис Крафт за вулканите биле нешто како Карл Саган за космосот. Се сретнале при крајот на 1960-тите додека студирале на Универзитетот во Стразбур (Катја физика и хеија, Морис геологија), се зеле и медениот месец го поминале на островот Стромболи, во подножјето на истоимениот вулкан во Италија. Препознавајќи го јавниот интерес за темата тие почнале низ филмови, книги и медиумски појавувања да ги документираат вулканските ерупции, посетувајќи над 170 активни локации низ светот. 

Филмот „Огнот на љубовта“ (2022) е лирски документарец кој ја раскажува нивната професионална и брачна приказна - љубовниот триаголник помеѓу Морис, Катја и вулканите. Тој главно се состои од снимки кои ги имаат направено самите тие, подредени по хронолошки редослед кој овозможува да се следи еволуцијата на нивниот истражувачки интерес, но и благото лудило на сè поголемото приближување до опасноста, на која на моменти буквално ѝ гледале во вжареното око. 

Во 1970-тите немало многу вулканолози во светот, а заштитната и истражувачката опрема била прилично примитивна. Во сцени кои како да излегле од нискобуџетен апокалиптичен научно-фантастичен филм, ги следиме двајцата „астронаути“, во скафандери кои изгледаат како да се направени за маскенбал а не за приближување на неколку метри од вжештена лава. Без ронка страв тие се шеткаат по расцепените вулкански карпи или пропаѓаат во калта создадена од мешавината пепел и вода. Никогаш немаат загрижени лица, само љубопитен поглед кој како да е хипнотизиран од вечниот оган кој татни во длабочините, чекајќи го својот момент. 

Но кога истиот тој оган уништува цели села и предизвикува човечко страдање, Морис и Катја почнуваат да се прашуваат за смислата на својата професија и за тоа дали вулканолозите можат да предвидат и спречат таква катастрофа. Разочарани се кога властите во Колумбија не ги слушаат нивните предупредувања за евакуација на населението под вулканот Невадо дел Руиз, кој еруптира на 13 ноември 1985, предизвикувајќи смрт на над 23.000 луѓе и огромна материјална штета. Но по ова други држави ги сфатиле посериозно, па така е избегната трагедија од поголеми размери на Филипините, каде тогашната претседателка, Корасон Акино, слушајќи ги советите на вулканолозите, со евакуација ги намалила последиците од ерупцијата на вулканот Пинатубо во 1991. 

Истата таа година Крафтови дознаваат за активноста на вулканот Унзен во Јапонија и како и многу пати претходно веднаш се упатуваат на лице место. На 3 јуни вулканот еруптира убивајќи 37 луѓе, меѓу кои и Катја и Морис, како и нивниот колега вулканолог Хари Кликен. Нивните тела се откриени два дена подоцна, целосно изгорени. Гликен се обидел да избега од бранот пепел, но Крафтови останале заедно на местото од кадешто ја снимале експлозијата. По смртта весниците го цитирале Морис кој еднаш изјавил дека сака да умре раобтејќи ја својата работа „на работ на вулканот“ - токму она што се случило. 

Денес нивното име го носи вулкански кратер во Реунион, Франција, а постои и фонд чии донации се насочени кон образование на луѓето во земји со висок вулкански ризик во врска со можните опасности. 

 

6 март 2023 - 07:54