Отворете ја книгата на карактер бр. 8958

Пред и по пагинацијата

Можете ли да замислите книга во која не се означени броевите на страниците? Иако до скоро беше кралица на структурирањето на текстот, класичната пагинација наскоро можеби ќе го препушти своето владеење на некои други начини на означување.

Иако изгледа дека означувањето на бројот на страниците постоело од кога постои и пишувањето на хартија, тоа и не е баш така. Во раниот петнаесети век овој за нашето време неопходен аспект на читателскиот „интерфејс" едноставно не постоел. Според ilovetypography.com, најраниот пример на последователно нумерирање страници во книга е оној на сликата погоре, Sermo in festo praesentationis beatissimae Maria virginis, отпечатен во Кeлн во 1470.

Но било потребно долго време за оваа практика да стане вообичаена. Тоа се случило дури од втората четвртина на 16. век. Денес е тешко да се замислат книги без означен број на страници - тоа би го отежнало цитирањето, споредбата и проучувањето на текстовите. Но овој вид структурирање на текстот е само еден од начините како тој да се подели на составни делови. Електронските уреди за читање тоа го прават на друг начин - „поинтерите" односно означувачите кои се користат можат уште попрецизно да одредат локација на која сте застанале со читањето или која сте ја потцртале затоа што ви е важна, без притоа да е земен предвид бројот на „страницата", која веќе е не е релевантен податок.

Истото се случува и кај веб-страниците, кои полека развиваат попрецизни означувачи. На горната слика е претставен еден HTML од Њујорк Тајмс, кој престанал да ги пагинира статиите и го вовел овој систем како поелегантен. Тој овозможува да се знае колку знаци има поминато читателот по секој пасус, а тоа пак има врска со рекламирањето - по одреден број карактери нему му се сервира по еден банер.

Страницата, како единица мерка за текст, се покажала прилично отпорна на сите досегашни промени. Но на нејзиното владеење изгледа полека му се ближи крајот, со предавањето на работите на таков софтвер кому му се попрактични некои други мерки.

24 февруари 2014 - 16:19