„Уживај пак: повторените искуства се помалку репетитивни отколку што се мисли“, текст објавен во списанието на Американската психолошка асоцијација, од авторот Ед О’Брајан од Универзитетот Чикаго, сугерира дека ако нешто веќе го имате гледано, прочитано, направено, посетено, не значи дека автоматски треба да се стави ад-акта, и да не доживее реприза.
Во експеримент поврзан со статијата, О’Брајан и неговиот истражувачки тим, им пристапиле на луѓе во близина на изложба на тема генетика во Музејот за наука и индустрија во Чикаго, и ги замолиле да проценат колку уживале во изложбата, и колку мислат дека би уживале во неа ако ја посетат повторно. И покрај тоа што учесниците главно предвидувале дека изложбата вториот пат би им била досадна, оние кои ја повториле посетата потоа ја процениле како исто толку интересна колку и првиот пат. Со други зборови, посетителите на музејот, како група, потцениле колку би уживале доколку ја направат истата работа два пати.
Повторувањето на хедонистички искуства не само што не го укинува задоволството, туку дури и може да го нагласи. На пример при прва посета на некоја изложба како горе споменатата, човек може да се загуби во сите тие информации и изложени предмети, особено ако не ја познава добро темата. Вториот пат го познава просторот и веќе асимилирал одредени знаења - иако формално притоа не се случува ништо ново, тој учи од нештата кои претходно не ги искусил до крај.
Во втор експеримент тимот на учесниците им дал да гледаат филм на Нетфликс кого тие претходно го немале гледано. Потоа следната вечер некои од нив требало да го гледаат истиот филм повторно. Групата која го гледала втората вечер го проценила уживањето од репризата на 3.5 на скала од 7, што било пониско од 5.3 кое го дале при гледањето на филмот првиот пат. Но групата која го гледала филмот втор пат своето искуство го проценила во просек со 4.5.
Овие разлики ја потврдуваат теоријата на О’Брајан, дека повторувањето на искуствата најчесто не е еднакво пријатно и интересно, но е ПОинтересно од она што можеме да го претпоставиме. Затоа, наместо да поминуваме часови гуглајќи и барајќи по секоја цена нешто ново да се прави, да се чита или да се гледа, можеме само раат да посегнеме по нешто што веќе ни е познато и убаво. Знаеме луѓе што можат да гледаат едно исто по сто пати и пак да се смеат на истите места. Има денови кога една иста песна ни е на рипит. И тоа ни е уште поубедлив доказ отколку некаква научна статија на темава.