Кога Сели Сноумен имала 10 години прв пат го посетила островот во Бостонското пристаниште со татко ѝ. Тогаш посакала кога ќе порасне да се омажи токму на ова место. Тоа и го сторила, во 1994. Потоа, во 2003, после повеќе од три децении поминати како волонтер на крајбрежната гарда, таа станала чувар на светилникот Бостон Лајт кој се наоѓа на него.
Од 70-те чувари кои се грижеле за него од неговото пуштање во употреба во 1716, Сноумен била првата и единствена жена. Сепак, тоа не значи дека била единствена и во целата американска поморска историја, без оглед дали жените пред неа биле платени и „официјални“, или ова го правеле доброволно.
Една од нив станала особено позната. Во текот на својата 54-годишна кариера, Ајда Луис од Роуд Ајленд станала нешто како национално богатство, појавувајќи се на корицата на списанието Харперс Викли во 1869. Натписот под сликата гласел: „Ајда Луис, хероината на Њупорт“. Таа во тоа време била најдобро платениот светилничар, меѓу другото и затоа што имала спасено дури 18 животи на давеници (таа самата велела дека не им го знае бројот, бидејќи тоа не било важно).
Но голем број од имињата на нејзини колешки денес се заборавени. Чувар на светилник било едно од работните места достапни на жените од 18 и 19 век, no samo доколку тoa било наследено од сопруг, татко или друг машки член од семејството. Вдовиците и другите жени во таква ситуација биле најсоодветни бидејќи одлично ги познавале работите и биле навикнати на нив. Сепак, веднаш стапувало на сила правило дека тие биле помалку платени, само затоа што биле жени. Исто така, не им било дозволено да ја носат официјалната униформа на светилничарите - затоа ги нарекувале „чувари во здолништа“. Некои од нив воопшто не си ја сакале работата (како што се гледа од нивните дневнички записи), но едноставно немале избор.
Обврските на Сноумен во голема мерка личат на оние на нејзините претходнички. Но таа е и авторка на две книги за светилникот и неговата историја и вообичаено води и тура за посетителите. Од мај до октомври живее во куќа до кулата а остатокот од времето го посетува островот еднаш месечно за да провери дали е се во ред. Истовремено е чистачка, чувар, историчар, надзорник и најголемиот обожавател на местото.
Иако сега самата светилка е механизирана, се уште стојат на место оригиналните леќи Фреснел од 1859. Нивното чистење е огромна работа - тие се состојат од 336 призми, и тие се толку скапоцени што мора да се работи многу прецизно.
На 72-годишна возраст, Сели ќе се пензионира во декември. Со тоа ќе згасне ова работно место, за кое засега никој не покажал интерес.