Во интернет фолклорот постои таканареченео „Правило 34", кое вели - ако нешто постои, за него има и порно верзија. Особено се однесува на ликови од цртани филмови и стрипови, кои претставени во секси контекст ја губат нивната детска невиност. Или што би рекол нашиот омилен xkcd, „да свакој бајци науде“:
Но сега слично правило како да се појавува во областа на таканаречената еротска литература, со мал твист: ако нешто НЕ постои, тогаш има еротска книга за тоа. Значи од Дедо мраз („Санта бејби"), Јети („Лижејќи го мразулецот на Јети"), чудовиштето од Лох Нес („Чудовиштето од Кок-нес"), па до Сфингата. (кориците погледнете си ги самите, срам ни е)
И пред „50 нијанси сиво" имаше секакви, ѓоа еротски книги, но по нејзиниот успех авторите во овој жанр веќе не знаат што да измислат. Освен досегашните телохранители, милионери и рок ѕвезди, главни јунаци на овие наративи (означени како „нова фикција за возрасни") сè повеќе стануваат таканаречените „шејп шифтерс", суштества кои ја менуваат формата, односно мажи и жени кои можат да се претворат во животни, и буквално и фигуративно, во кревет. Па имаш снежни леопарди, змејови, дури и - ежови!
„Блејк имаше тајна, можеше да ја менува својата форма, но сакаше да остане во човечката затоа што судбината е кучка со чуден смисол за хумор...Блејк беше еж", се вели во книга на оваа тема, која длабоко завлегува во фројдовското потсвесно на ежот во секој маж - она мало суштество, кое кога е нападнато пушта боцки, ама се уште делува слатко. Партнерката на Блејк се вика Хани, и е „амазонка", сопственичка на локален бар, која како миленици чува три (вистински) ежиња. Нивната врска е очигледно судбинска, па при крајот на книгата таа во рацете го држи неговото мало „еже" додека имаат (фала богу) сосема обичен, човечки секс.
Критиките за книгата на Амазон варираат од „симпатично", преку „секси" до „забавно", а некои се жалат дека таа била прекратка. Зошто ваквите книги воопшто некој би ги читал, па уште и купувал? Објасниво е - тие следат варијации на добро позната формула од бајките, кога некој (чудовиште, змеј, што и да е нечовечко) се заљубува, тоа е повод тој да се судри со ѕверот во самиот себеси, минува трнлив пат да ја освои љубената/љубениот, и на крај сите си живеат среќно и весело. Разликата е само што во овие новиве има повеќе експлицитен секс. И што е тука погрешно?
Бидејќи единствениот нормален начин да се заврши ваков текст е со видео, еве едно за убав викенд: