Исак Башевис Сингер е еден од најплодните и најславните еврејски писатели на 20 век, добитник на Нобеловата за книжевност во 1978. Роден во Полска, но пребегнат неколку години пред почетокот на холокаустот во САД, тој цел живот пишувал на мајчиниот јазик, што значи дека приближувањето на неговите бројни дела на англиски зависело од армија преведувачи.
Нов документарец од израелските режисери Асаф Галај и Шаул Бетсер го опишува односот на овој автор токму кон преведувачите на неговите дела. Она што го забележал режисерот Галај, и што го поттикнало правењето на филмот, бил фактот дека од 48 преведувачи на Сингер на англиски, колку што тој можел да изброи, речиси сите биле - жени.
Во филмот се претставени неколку од овие „музи", или преку интервјуа со нив, или преку архивски снимки. Она што се открива е дека писателот си ја нарекувал оваа група посветени соработнички „негов харем", што е доволно да ја разбранува фантазијата. Дека нивните квалификации му биле приоритет, тоа е јасно, затоа што во спротивно неговите книги не би биле ниту читани, ниту наградувани. А токму тоа - глобалната слава - му бил водечкиот мотив.
Сепак, во неговиот избор на жени за соработнички некои од биографите гледаат обид за спојување на убавото и корисното, а пак други одат и чекор понатаму, наоѓајќи поврзаност помеѓу неговата желба за заведување на преведувачките, и неговата желба за заведување на читателската публика. Документарецот одбегнува да го прикаже како сексуален предатор, или да ги исмева неговите флертови, а од друга страна не се претвора ни во феминистички трактат, во кој преведувачките постхумно би го напаѓале за сексуално малтретирање. Но епизодите кои ги раскажуваат тие содржат ако ништо друго тогаш прилично силни инсинуации, кои дури и да не кулминирале со физички контакт се прилично секси. Пример: кога преведувачката на „Јентл" (расказ на Сингер кој доживеа слава преку филмот со Барбара Стрејсенд) сакала да преведе изјава на главниот лик со „те сакам", Сингер ја прекинал: „Јентл никогаш не би рекол така. Би рекол - те посакувам". Друга пак вели дека кога Сингер прв пат ѝ прочитал негов расказ и таа „се смеела на точните места", тој веднаш ѝ предложил да работи за него како преведувачка, а таа тоа го доживеала како „понуда за брак".
Изгледа стариот бил шармер, и на свој начин женкар. Што за славни писатели, особено ако се умрени, може да биде само реклама.