Пекара од пеколот

Археолозите открија брутална „затвор-пекара“ во Помпеја, каде робови работеле со часови во мрак, во тесен простор, заедно со магариња кои го мелеле житото. Наодот се совпаѓа со изложба на локацијата, „Другата Помпеја: обични животи во сенката на Везув“, која се отвора денес, 15.12. 

Помпеја, некогашниот древен град кој во 79-тата година бил затрупан под вулканска пепел од вулканот Везув, се уште знае да изненади со откритија. Така, истражувачите неодамна пронајдоа древна пекара, каде робови работеле под сурови услови. Всушност, станува збор за комбинација на пекара и затвор, каде во тесниот простор со минимално осветлување, затворениците заедно со магариња го мелеле житото за леб.

Магарињата го вртеле воденичниот камен, додека работниците ги додавале зрната, го контролирале процесот и го собирале брашното. Истражувачите пронашле и ознаки на подот, за кои сметаат дека биле користени за да се координираат движењата на работниците и животните. 

Просторот бил толку мал што две магариња не можеле да минат во исто време, па синхронизацијата била од големо значење. Доколку овие наоди се споредат со записи на римски автори, како оние на Апулеј од вториот век, тогаш се добива и слика на физичкиот изглед на робовите на чии чела имало втиснато жиг, а нозете им биле врзани со синџири. Очите им биле толку отечени од топлината што едвај гледале, а од брашното телата и лицата им биле целосно бели. Условите биле тешки и за магарињата, чии очи биле врзани и кои биле приморани да вртат кругови со часови. 

Наодот се совпаѓа со изложба на локацијата, „Другата Помпеја: обични животи во сенката на Везув“, која се отвора денес, 15.12. 

извор

15 декември 2023 - 10:37