Списокот интересни нови музеи чие отворање се очекува во 2023, објавен од Смитсонијан, почнува со оној во Лас Вегас, посветен на панк-рокот. Неговиот неконформистички дух кој го зафати светот во 1970-тите до денес влијае не само на музиката, туку и на модата и уметноста воопшто. Овој музеј, кој ќе се отвори на 10 март во центарот на Вегас е креација на тн. „Панк Колектив“, група музичари и други музички професионалци чија цел е да ги зачуваат артефактите но и спомените за зачетоците на ова движење за идните генерации.
Посетителите ќе можат да погледнат оригинална збирка на концертни летоци, рачно пишувани стихови, оригинална облека од бендови како Блонди или Дево и инструменти на кои ќе биде дозволено да се свири.
Музејот ќе има и свое тату студио, и - најинтересно - своја свадбена капела, како и бар во кој во вистинскиот дух на панкот ќе се служи...топло пиво. Од април натаму се планираат тури со водичи кои и самите се панк легенди.
Во Канзас ќе се отвори музеј посвете на пионерката на воздухопловството, Амелија Ерхарт, прва пилотка која летала соло над Атлантскиот Океан, напишала книги за своите искуства и била една од основачите на „99“ - организација за жени пилоти. Фасцинацијата со нејзиниот живот и храброст трае и денес, особено со оглед на тоа како го зваршила животот - исчезнувајќи со своето летало некаде над Тихиот Океан.
Музејот, кој вклучува и авио-хангар, ќе биде дизајниран во стилот на Арт деко од 1920-тите и 1930-тите, децении кои се сметаат за формативни за историјата на авијацијата. Посетителите ќе можат да го искусат животот на Ерхарт низ 14 интерактивни изложби, од раното детство во Канзас, преку нејзината работа како механичарка и болничарка, до бројните воздухопловни успеси.
Oчекувањата поврзани со големиот музеј во Египет се големи и долготрајни - тој се најде на сличен список предвидени отворања и во 2020 и во 2021. Иако точниот датум се уште не е одреден, велат дека тоа ќе се случи во текот на 2023, после цели дваесет години градење и полнење со артефакти од цел Египет.
ГЕМ би требало да биде најголемиот археолошки музеј на светот, лоциран на пустинското плато помеѓу Каиро и пирамидите на Гиза. На влезот посетителите ќе ги пречекува 83-тонска статуа на Рамзес Втори, а во внатрешноста ќе има тематски градини, интерактивен музеј за деца, 3Д кино и над 100.000 артефакти од египетската историја, од предисторија до денес. Сепак најголемо внимание се очекува да привлечат 5000-те предмети од ископувањето на гробот на момчето-крал Тут, меѓу кои неговиот златен трон и погребната маска.
Роботите и науката позади нив се тема на иновативен музеј, кој треба да се отвори во јули 2023 во Сеул, Јужна Кореја. Дизајниран е од инстанбулското студио Мелике Алтинисик, а зградата ќе изгледа како огромен вселенски брод. Самата компанија користела роботи и дронови при градбата. На четирите ката ќе бидат прикажани различни сценарија за тоа како би можела да изгледа иднината на вештачката интелигенција, сосе холограми и виртуелна реалност.