Островот каде Опенхајмер си го нашол својот мир

Деновиве низ светот (па и кај нас) премиерно се прикажува новиот биографски филм за „таткото на атомската бомба“. Малкумина знаат дека тој пред крајот на животот поминал десетина години на едно изолирано место во Карибите, пишувајќи поезија и пловејќи по заливите.

Роберт Опенхајмер отворено зборувал за моралните последици од својата креација - атомската бомба. Tие толку го прогонувале, што тој ги поминал последните десетина години од својот живот криејќи се на малиот, изолиран остров Сент Џон на американските Девствени острови. 

Со своите 50 километри квадратни тој е најмалиот од трите главни Девствени острови под јурисдикција на САД. Први кои го населиле во 17 век биле Данците кои тука формирале пазар за трговија со робови. Подоцна менувал повеќе сопственици, а доживеал и востание на робовите кои се обиделе да воспостават автономија. Во 1917, во текот на Првата светска војна, САД ги купила своите Вирџин ајлендс за 25 милиони долари од данските власти за тука да постави морска база која требало да го спречи ширењето на Германската империја на запад. Дел од преговорите вклучувале точка според која САД требало да го признае данското владеење со Гернланд, кое претходно било спорно. 

Денес главната стопанска дејност на островот е туризмот. Но во 1950-тите ова се уште бил релативно изолиран и неразвиен терен. Во 1945, кога САД ја фриле атомската бомба врз Хирошима и Нагасаки, Опенхајмер бил славен како национален херој. Неговиот лик бил на насловните на списанијата „Тајм“ и „Лајф“ и тој станал најпознатиот научник на својата генерација. Но во 1954 нештата се менуваат, тој одеднаш станува „лошиот“ и исчезнува од јавниот живот до крајот на животот. Последните дванеаесетина години ги поминал токму на Сент Џон (или Св. Јован), на имот на кој имало само скромна колиба. Денес местото е познато како плажата Опенхајмер (Опенхајмер бич) и иако не се појавува на повеќето туристички мапи постојано се спомнува како една од најдобрите плажи на Девствените острови. 

Местото не можело да биде поразлично од претходниот живот на Опенхајмер кој пораснал во богат дом на Менхетен со три слугинки, шофер и оригинални слики од Ван Гог кои виселе на ѕидовите. Кога семејството пристигнало на островот голем колку Менхетен во јули 1954, тука немало ни телефони ни струја, а пауни и магариња се шетале по селските патчиња. Сент Џон до тогаш бил американска територија само 37 години и 90% од неговите 800 жители биле потомци на претходни робови киднапирани од Африка од данските господари за да работат на полињата со шеќер и памук. Првата кафана била отворена по уште две години, а најголемата „зграда“ била куќа на еден спрат.

Toкму тука научникот го наоѓал својот мир - додека во САД почнала истрага за неговите наводни комунистички врски, Еф-би-ај му го прислушкувала домот во Њу Џерси а медиумите почнале да водат фингирана хајка, на островот никому не му било гајле за Роберт. Легендата вели дека местото го одбрал и затоа што поради ветровите околу островот тоа би било едно од последните места кои би можеле да бидат повлијаени од потенцијална нуклеарна катастрофа. 

Тука физичарот пишувал поезија на работна маса која гледала на заливот. Тој и неговата жена, Кити, ги минувале деновите пловејќи помеѓу американските и британските Девствени острови. Секој септември парот повикувал педесетина пријатели од сите раси и слоеви на новогодишна забава, каде се служел јастог и шампањ, свирел локален „калипсо“ бенд а Роберт играл на плажата подучувајќи го гостите за соѕвездијата. Кога еден од нив фатил желка и сакал да ја зготви, Роберт се заложил за нејзиниот живот, велејќи дека му враќа ужасни спомени за тоа што им се случило на сите суштества после првото тестирање на атомската бомба во Ново Мексико.

Во 1967 Опенхајмер починал од рак на грло на возраст од 62 години. По негово барање Кити ја фрлила неговата пепел во заливот во кој гледал секојдневно. Кога и таа починала пет години подоцна, и нејзините остатаоци биле фрлени на истото место. Нивната ќерка, Тони, страдала од депресија но го сакала островот. Во 1977 си го одзела животот во куќата која ја изградил татко ѝ, но пред да го стори тоа напишала белешка со која ја оставила куќата и имотот „на луѓето од Сент Џон“.

20 јули 2023 - 19:09