Опа!: Мета размислува за купување на издавачот Сајмон и Шустер за да си ја тренира вештачката интелигенција

Изгледа дојде и тој момент, кога компаниите веќе нема да „крадат“ нечии дела за врз тој јазичен корпус да си ги тренираат ВИ машините, туку најчесно ќе си купат издавач, а со тоа и авторските права на книгите. Волкот ќе биде сит, а за овците...

Вработени во технолошката компанија Мета минатата година дискутирале околу купување на издавачката куќа Сајмон и Шустер, за на тој начин да обезбедат книги за „хранење“ на алатките за ВИ на оваа компанија.

Според снимки од интерни состаноци споделени со Њујорк Тајмс, менаџери, адвокати и инженери во Мета се среќавале речиси секој ден помеѓу март и април 2023 за да смислат како да стават рака на што повеќе податоци за обучување на ВИ моделите. Од снимките, кои биле споделени од вработен во компанијата на Закерберг која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, може да се издвојат дискусии на вработени кои сугерираат купување на спомнатиот издавач и/или плаќање по 10 долари од книга за добивање на права за нови наслови. 

Зошто е ова вест и зошто толкава конспиративност? Сајмон и Шустер е еден од најголемите издавачи во англиското говорно подрачје и е дел од она што се нарекува „Големата петорка“, заедно со Пингвин Рендом Хаус, ХарперКолинс, Ашет и Макмилан. Помеѓу авторите на СиШ има големи имиња, на пример Стивен Кинг. Компанијата е во рацете на Парамаунт Глобал, која во март 2020 најави намера да го продаде издавачот. После критикуваното спојување со Пингвин Рендом Хаус, кое беше блокирано од судовите во САД, СиШ на крај беше продадена на приватната фирма ККР во август 2023.

Ова е аспектот на издавачот. Од аспект на Мета, компанијата ги има исцрпено сите можни извори на податоци од книги, песни и есеи напишани на англиски кои можат да се најдат онлајн. Оттаму, тие се очигледно очајни по нови материјали, а и овие стариве се користени без дозвола (нешто за што вработените се свесни, дека истото може да ги донесе на суд). На снимките, кога присутен адвокат зборува за етички прашања во врска со користењето интелектуална сопственост, во просторијата владее целосна тишина. 

Претседателката на Здружението на американски издавачи не верува дека Сајмон и Шустер би се согласиле на ваква продажба, бидејќи тоа изгледа повеќе како агресивно наметнување моќ отколку бизнис зделка. 

Во ноември минатата година, федерален суд во Калифорнија отфрли дел од тужба за нарушување на авторски права поднесена од комичарката Сара Силверман и други автори против Мета, врз основа на тоа дека резултатите понудени од ВИ моделите не се поклопувале „баш-баш“ со делата на тужителите. 

извор

10 април 2024 - 11:41