Букбокс гледаше

„Оној кого го сакам“ (The One I Love, 2014)

Еден од ретките примери кога за да кажеш што и да е за филмот всушност мораш да ја откриеш главната финта. Затоа, освртот кој следи е од типот „газење по јајца“.

Итан и Софи имаат проблеми во бракот. Тој ја изневерил, таа е лута, плус одамна немале секс и се генерално отуѓени. Заплетот практично се случува во првите пет минути, кога нивниот терапевт ги испраќа на имот надвор од градот, среде напуштен и по малку морничав пејзаж, во кој тие, во осама, треба да се соочат со себеси, и едни со други.

Токму тоа и следи, но не на толку метафоричен начин како што тоа звучи. Во текот на процесот се случуваат неколку комбинации. Откако Софи 1 (повторно?) ќе се вљуби во Итан 2, Итан 1 станува опсесивно љубоморен на неговиот двојник и се обидува да се претстави како него (во што и успева). Во меѓувреме Софи 2 чувствува дека го губи Итан 2, па презема чекори да се ослободи од Софи 1. На крај, кога еден од паровите го напушта имотот, веќе и не е јасно кој со кого заврши, и за колку луѓе всушност се работеше цело време.

Физички звучи малку комплицирано (и токму тоа е „финтата“), но на теренот на материјализираната метафора воопшто не е такво. Ниту еден од нас не е само една личност, цврста градба без ѕирка и проѕирка, секогаш „логична“ и консеквентна во своите постапки. Особено не кога е во врска со други луѓе на кои сака/треба/може да им се прилагоди. Низ тоа „штимање“ на табиети, ставови, желби и стравови човек се бара, но истовремено и се менува. Оној кој ја започнал потрагата не е истиот оној на крајот од процесот. Нештата може да се прекршат, да созреат, да избувнат па да се сталожат, да откријат нешта запретани под површината чиј злокобен звук до тогаш само се насетувал.

Иако филмот, дебитантски за Чарли МекДауел, со одличните Елизабет Мос и Марк Диплас, може лесно да се класифицира како комедија, тој истовремено е и симулација на една само делумно контролирана психо-терапија, која како партија икс/нула не е секогаш предвидлива. Така, тој станува и предупредување - не чепкај во сопствената и душата на блиските ако не си подготвен да се соочиш со она што таму може да го најдеш. А може да го најдеш, човекот што го сакаш.


 

30 јуни 2018 - 10:43