Омилениот астролог на Хитлер

Се викал Карл Ернст Крафт, бил образован како за научник, но се занимавал со нешта кои денес ги сметаме за псевдо-наука. Во времето на подемот на национал-социјализмот тој имал специјален статус помеѓу бројните окултисти и „пророци“ кои работеле за режимот.

Сите властодршци во досегашната историја сакале да бидат чекор пред своите опоненти - да знаат кога и што ќе се случи, пред тоа да се случи. Античките кралеви им нуделе жртви на боговите и консултирале пророштва. Нацистите го имале Карл Ернст Крафт.

Роден во Базел, Швајцарија во 1900, тој дипломирал математика, а потоа десет години работел на огромно дело под наслов „Особини на астро-биологијата“. Креирал своја теорија наречена „типокосмија“, која ја предвидувала иднината врз основа на карактерот, негова верзија на хороскоп.

Во раните 1930-ти, кога Хитлер дошол на власт, Крафт уживал посебен статус во нацистичките кругови. Не бил единствен „пророк“, но додека голем број од оние кои се занимавале со магија и окултизам биле прогонувани, тој се здобил со доверба кај главните играчи - Хес и Химлер, кои постојано го консултирале. Неговата слава нагло пораснала кога во ноември 1939 предвидел атентат врз Хитлер помеѓу 7-10 ноември. Испратил писмо со предупредување до негов пријател, доктор Хајнрих Фесел, висок функционер во партијата, но овој не го пренел. На 8 ноември, само 13 минути откако Хитлер ја напуштил минхенската пивница Бургербраукелер - една од салите користени за собири на нацистичката партија, во неа експлодирала бомба. Имало осум жртви и 57 ранети. Како единствен организатор и извршител на атентатот бил прогласен Георг Елсер, кој лежел во затвор 5 и пол години, пред да биде егзекутиран кратко време пред крајот на војната.

Кога веста се раширила, Фесел се сетил на „пророштвото“ и Крафт бил уапсен. Но тој успеал да го убеди Гестапо дека не е соучесник, туку едноставно способен да ја предвиди иднината врз база на астролошки правила. Не само што бил ослободен, туку од тогаш бил ангажиран од минстерството за пропаганда, раководено од Гебелс, кој бил опседнат со пророштвата на Нострадамус. На Крафт му била доделена задачата да ги толкува записите на Нострадамус и врз основа на нив да прави памфлети на повеќе јазици. Во меѓувреме правел и приватни натални карти за нацистичките водачи, како и на Хитлер, со кого додуша никогаш не се сретнал.

Британските разузнавачи биле толку загрижени што непријателот ја води војната со помош на мистици што едно време и самите ангажирале астролог, Луис де Вол. Но тој наскоро ја загубил работата бидејќи не можел да дојде до какви и да е докази за начинот на работа на неговиот опонент.

Во мај 1941 Рудолф Хес заминал за Шкотска за да преговара мир со Англичаните. Не само што датумот на заминување го одредил со помош на Крафт, туку бил и под големо влијание на негово предвидување од 1933 - дека доколку Германија и Англија не склучат сојуз пред јуни 1941 тогаш Германија ќе ја загуби војната. Хес ова го сторил на своја рака, без да го информира Хитлер. Британските власти го уапсиле и го држеле во затвор до крајот на војната, после што бил суден во Нинберг. Се обесил во затворот Шпандау во 1987, на возраст од 93.

Веднаш по неговото аспење Хитлер збеснал. Организирал „Акција Хес“ кога биле уапсени над 600 астролози, а Крафт бил еден од нив. Во затворот тој доживеал нервен слом, но сепак предвидел дека британските бомби наскоро ќе го уништат министерството за пропаганда во Берлин (што излегло точно). Се заразил со тифус и умрел на 8 јануари 1945, на пат кон конц-логорот Бухенвалд.

18 август 2020 - 11:02