Како што пишувавме пред некој месец, за да нема дисконтинуитет во доделувањето на престижното признание заради откажувањето на овогодишниот Нобел за литература, повеќе од сто шведски писатели, актери и други познати личности формираа институција наречена „Нова академија“, која ќе додели свое признание оваа есен.
Како што се соопштува, списокот на финалисти од кои ќе се бира добитникот го вклучува Британецот Нил Гејман и Јапонецот Харуки Мураками. Алтернативниот Нобел го следи истиот распоред како и оригиналната награда, но наместо за неа да одлучува тајно и мало жири, Новата академија побара номинации од шведските библиотекари.
Потоа 47-те предложени имиња беа ставени на јавно гласање, а стручно жири, раководено од уредничката и независен издавач Ан Палсон, се одлучи за четворицата финални автори, пред да го објави победникот во октомври.
Гејман (чии дела се преведувани и кај нас) е ѕвезда во светот на фантастичната литература. Тој изјавил дека е „возбуден“ што е на списокот и дека самата номинација му е исто како да ја добил наградата. Мураками, кој досега често се спомнуваше како можен добитник на „оригиналниот“ Нобел, според жирито е заслужен за фузирање на поп културата со бестрашен магичен реализам.
На списокот има уште две имиња на помалку познати, но квалитетни авторки. Првата е Мариза Конде од Карибите, чии дела покажуваат како колонијализмот го има променето светот и како оние повлијаени од него се обидуваат да го зачуваат своето наследство. Ким Ту пак е родена во Сајгон а растена во Канада. Нејзините раскази се „обоени со боите, вкусовите и мирисите на Виетнам, но и со опасностите на егзилот и потрагата по идентитет“.
Што се однесува до Шведската академија, таа нема да додели Нобел за литература во 2018, но во 2019 најавува двајца добитници.