Благородна-Ноне може да се опише со три В: висока, весела и вредна. Висока заради анатомскиот факт, весела затоа што на чет ракува со стикери како тинејџерка, и вредна во двете значења на овој збор - како работлива, но и скапоцена за нашиот тесен и бучен медиумски простор во кој ретко некој е мотивиран на долги стази да се занимава со култура.
Повод за ова нејзино интервју е објавувањето на книгата „Време во зборови“ во издание на Или-или, во која на купче се собрани бисерите од нејзините интервјуа излезени во неделникот „Теа модерна“ во последниве три години. Промоцијата е денес (петок, 10.03) во винскиот бар „Подрум“ во Буњаковец. Промотори се Емилија Андоновска Пападимитров и владиката Пимен, а ќе има и свирка.
И еве ја Ноне, на која меѓу другото ѝ поставивме и неколку бумеранг-прашања, исти онакви какви што таа им ги има поставувано на нејзините соговорници. За да види како е.
Кога и како почна да се занимаваш со новинарство?
Тоа беше време (1995) кога „Нова Македонија“, единствената медиумска куќа заедно со МТВ во земјава, објави оглас за новинари–приправници. Со оглед дека две години веќе бев дипломирана, а не можев да најдам работа, ова ми се виде како одлична шанса да се откажам од џаболебарството. Обуката во тоа време ја водеше Верољуб Андоновски, на кого неколку месеци секојдневно му носевме по три вести и информации. Ми остана во сеќавање неговото тврдење дека „најтешко е да напишеш вест“, за кое дури подоцна се уверив дека е апсолутно точно. Од педесетина приправници што бевме под закрилата на Андоновски, во скопската рубрика се преселивме тројца, а по една година од целата генерација останав само јас.
Имаше ли од кого да учиш како треба, и како не треба?
Кој сака да учи има од кого! Во мојот дом отсeкогаш се читале весници како белградските Нин и Политика, но и загрепскиот Старт кои беа редовен репертоар. А, таму имаше капиталци! Репери имаше и во изданијата на „Нова Македонија“, неспорно. Што се однесува до тоа -како не треба- најмногу може да се научи од себе.
Дали пишувањето е талент или занает?
Порано мислев поинаку, но сега ќе го кажам ова: талентот е битен, но само како дел од целото. Без работа како чирак или калфа, тешко се станува мајстор. Може да прескокнеш три скали одеднаш, ама седум може само Усеин Болт.
Кои карактеристики би требало да ги содржи фото-роботот на идеалниот новинар?
Прво треба да ги знае сите букви. Треба да се научи да слуша. Да може широко да ги отвори очите. Да биде филантроп. Да поседува прилично количество на емпатија. Да не умре млад. Да не го интересира висината на платата. Лесно да пофалува, а сто пати да размисли пред да некого да оцрни!
Си запознала ли некој реално таков?
Ги има, ги има. Некои се веќе надвор од новинарството, некои се уредници. Други запловија во книжевни води.
Дали во медиумите во кои си работела имало разбирачка за теми од културата?
Културата стана толку растеглива категорија, што под културен настан денес во редакциите се запишува и концертот на Шако Полумента на плоштадот во Влае. Главната вина за ова секако дека е кај уредниците кои апсолутно треба да внимаваат на насоката, колку и да не изгледа тиражно во даден момент.
Си морала ли често да објаснуваш кои се луѓето со кои сакаш да разговараш и зошто се тие (побогу) битни?
Многу пати. За жал помладите мои колеги ретко знаат за кои личности станува збор. Уште помалку зошто се толку важни!
Дали те пука туѓ срам кога ќе прочиташ нешто што го напишал твој колега? Или кога никој нема да се појави на битен настан?
Редовна рутина ми е кога наутро го отворам компјутерот да си речам - ај сега да видиме до каде сме денес со „ајкјуто“? И за жал дебело пред сите водат колегите од порталите! Ако се сомневате во ова отворете ја кај вас на „офнет“ рубриката „Стигнавме на дното“!
Со кои од луѓето што си ги интервјуирала во книгава би сакала и приватно да се дружиш?
Кога би можела со сите, би било идеално. Да биде тука до тебе мудроста на Алексиевич, авангардноста на Луциќ, луцидноста на Буриќ, ведрината на Чолиќ, искуството на Шербеџија и кулинарската умешност на Оливер нема да биде мала работа.
Кое пак интервју си го доживеала како „најсуво“ од страна на соговорникот? Ти дошло ли некогаш преку глава од новинарството?
Имало суви како Сахара. Тоа се обично оние нарачаните од продуцентските куќи каде домашните таканаречени селбрити и ѕвезди на еестрадата, треба да си испромовираат „нешто“. Тука нема штоф ни танга да сошиеш, а тебе нели ти треба капут!
Што се однесува до второто, неброен број пати, или секогаш кога е во прашање ова погоре. Новинарството, тоа воопшто не е професија туку тотално заробеништво и опседнатост. Но, од друга страна е и привилегија секогаш да ти биде возбудливо и никогаш здодевно.
Што би правела друго во животот?
Многу сакам да одам по риба, ама ретко кој сака да ме земе со него!
Колкави ти се децата и дали ним им е интересна професијата на мама?
Син ми Марко како и секој тинејџер со неполни 14, чита лектири затоа што мора, пишува состави и есеи затоа што сака да добива петки, иако знае да препознае што е добро, а што лошо во литературата, и никако не може да разбере зошто мислам дека секое дете на негови години мора да го прочита целиот опус на Карл Мај!
За што сонуваш, на што се надеваш?
Сакам да сонувам во боја, а се надевам дека никогаш повеќе нема да си го заклучам клучот во колата, а резервниот ми е дома. Како на пример денес по катаљардити пат!
Имаш ли со кој и против кого?
Немам против никого, а со кој имам многу!
Многу те нервира... долга зима и кратко лето.
Многу те радува... радоста на уличните кучиња кога ќе ме видат пред мојата капија.
Во кафана одам со... сите што сакаат кафана. Оние другите се непожелни.
Виски или ракија? Ракија. Вискито е за каубојци, а јас навивам за Индијанците.
Тулумба или чиз-кејк со слатко од кандиран портокал?
Тулумба од Апче. Со голема боза.
Кенијска храна или ќебап од Дестан?
Би пробала и кенијска храна ако ја зготви Киран Џетва. Ама работата е во тоа што таму немаат толку добро разладен „даб“, што совршено оди со ќебапчиња.