Сузан Филипс е шкотски уметник, чиј проект е одбран како потсетник на неславниот момент од пред осум децении, кога на 12 март 1938 Австријците ги поздравиле германските трупи кои влегувале во земјата, а три дена подоцна десетина илјади граѓани на Виена му аплаудирале на Хитлер додека тој им се обраќал од балконот на палатата на Хабзбурговците на Хелденплац.
Историската снимка на говорот и на атмосферата во кој се одржал денес се смета за реалистичен опис на јавното расположение од тоа време. Но на Австрија ѝ беа потребни уште многу години, од раните 1990-ти за официјално да признае дека дел од нејзините граѓани биле нацистички соработници. Само две недели по говорот се случил првиот транспорт на Евреи од Австрија во Дахау. Сега Филипс, која ја доби престижната наградаТарнер во 2010, сака да потсети на сите оние кои исчезнале, и да овозможи да се слушне нивниот глас. А тоа го прави со помош на звук добиен од стаклени чаши бидејќи според неа токму тој е најсличен на човечки глас.
„Гласови“, како што е насловен проектот, е нарачан од Куќата за историја на Австрија, музеј кој треба да се отвори во ноември, на стогодишнината од излегувањето на Австрија од ужасите на Првата светска војна и падот на Хабсбуршката империја. Мисијата на оваа институција ќе биде да понуди трезвен поглед кон историјата на оваа земја, но истовремено да привлече внимание и кон подемот на десничарските движења во неа. Во декември конзервативната Народна партија и радикално десничарската Партија на слободата формираа влада во Австрија, а победија главно играјќи на картата на анти-имиграцијат. Иако формално и двете партии го отфрлаат антисемитизмот, политичар од Партијата на слободата во февруари мораше да даде оставка поради таков скандал. Истовремено, премиерот Курц не е сигурен дали ќе продолжи да ја финансира Куќата на историјата која е иницирана од левичарската Социјал-демократска партија, откако нејзиниот буџет ќе се исцрпи во декември 2019.
Тековната дискусија за иднината на музејот покажува дека се уште е тешко да се зборува за едногласна проценка на историјата. Исто колку што е тешко да се слушнат гласовите на невидливите.
А еве како звучат тие, суптилно, но сепак продорно, што добива и морничави димензии кога одекнуваат низ огромниот плоштад