„Не го убив коњот за да го снимам овој албум“, објаснува Метју Херберт (Matthew Herbert). „Само употребив звуци од убивање коњи и од нивен секс...иако за да ги набавам патот ме однесе во прилично чудни интернет води“.
Електронскиот музичар кој (очигледно) сака експерименти, за својот најнов албум „Коњот“ можеби не убил животно, но затоа употребил скелет од умрен коњ. Го купил на интернет, го ставил во некој ќош во студиото каде почнал да мириса и не знаел што да прави со него. Најпрвин направил кавалче од коските и така започнал проект на „оживување“ на коњот низ музика.
Следела изработка на лакови и тетиви од ребрата и коњските влакна, снимање во древни пештери во Шпанија каде се најдени најраните цртежи на коњи и правење „шејкери“ од сперма на расен поло коњ. „Најдов девојка на интернет која прави накит од сперма - ја меша со глина и со други нешта. Така, го вметнавме семето во мали топчиња кои можев да ги користам како удиралки“.
Резултатот не е баш нешто што би им ги пуштиле на пријатели за време на вечера, но албумот дефинитивно покрива повеќе жанрови, од џез до современа класика и успева да го долови чувството на оживување.
Херберт веќе има искуство кога станува збор за правење музика од неконвенционални извори. „Прасе“ од 2011 го регистрирал животот на едно прасе од раѓањето до смртта, поконкретно до моментот кога е изедено. Еднаш цела недела снимал дрво, како и 20.000 кокошки пред да завршат во синџирот за брза храна. Има и албум составен исклучиво од звуци снимени со 10 најдобро продавани производи во супер-маркетот Теско - електронска музика направена од леб и газоза.
Тој секако не е осамен во ваквата бизарна инструментација. Германците Ајштузенде Нојбатен имаат поминато години снимајќи градежни работи. Електронското дуо Матмос користи снимки од медицински зафати. Во 2021 излезе албум на Лука Јупанки, прв чиј автор е неродено бебе, откако нејзините родители преку биосонична технологија ги снимиле електромагнетните импулси од матката и ја претвориле во музика. Минатата година Џо Патитучи го претвори канабисот во електронски албум на неговиот албум 420hz: музика од билки канабис. Сите овие звуци, велат експериментаторите, заслужуваат да бидат слушнати исто колку и вокалот на Бијонсе.