Неостварената бизнис идеја на Кафка - да пишува туристички водичи

Додека патувал низ Европа со другар му Макс Брод, летото 1911, на Кафка му дошла бизнис идеја - да пишува водичи со совети за тоа како да патуваш со малку пари. И во оваа работа бил визионер.

Во времето за кое станува збор, почетокот на дваесетиот век, постоеле вакви книги со совети за патување, наречени Бедекер водичи, но тие главно се состоеле од списоци на хотели и ресторани во одредена земја, без дополнителни информации и инсајдерски искуства, кои се всушност оние вистинските кои му се потребни на секој патник.

Податоците кои Кафка сакал да ги има во замислениот водич биле некои кои и денес нè интересираат секогаш кога тргнуваме на пат. Кои денови музеите во некој град нудат попуст? Дали некаде се одржуваат бесплатни концерти? Колку треба да се остави бакшиш во ресторан? Каде да се најде еротска забава по „фер“ цена? И, во верзијата, на Кафка, дали можеби во хотелските соби има некои чудни бубачки.

Ова го наведува Рајнер Стак во третиот, долго очекуван дел од обемната биографија на Кафка на 1500 страници, преведена на англиски (за неговата книга тривија произлезена од процесот на правење на биографијата, „Дали е тоа Кафка: 99 наоди“ пишувавме тука):

„Кафка и Брод биле убедени дека еден туристички водич кој би ги одговорил сите овие прашања и би понудил неколку рзумни и проверени препораки веднаш би станал хит. Со една ваква серија тие би можеле да заработат милиони, особено ако книгите се преведуваат на повеќе јазици“

Инспирацијата на Кафка и на Брод им дошла додека шетале низ Швајцарија, северна Италија и Јадранот, кога и самите биле жртви на туристичкото незнаење - во недела сакале да влезат во градската библиотека во Цирих која тогаш била затворена, а и едвај нашле место за пресоблекување крај Женевското езеро.

Една работа заради која не е јасно како би изгледал нивниот водич е што Кафка постојано ги исмевал аматерите-фотографи, хоби кое според него не можело да се спореди со пишувањето како начин на документирање на патувањата, што го поставува прашањето - што би мислел тој за селфи-стаповите и за Инстаграм, и каков би бил тој туристички водич без слики?

Веројатно и токму заради ароганцијата на парот серијата книги никогаш не се случила. Напишале бизнис план на пет страници, како и краток разговорник за неколку земји, но биле толку уплашени некој да не им ја украде идејата што не сакале да ја изложат на ниту еден издавач пред тој да им даде аванс. Тоа ја запечатило судбината на нивниот амбициозен план, а милионската заработка останала во сферата на замисленото.

21 декември 2016 - 09:25