Речничката дефиниција на одреден термин, како на пример „пингвин“, делува едноставно, но луѓето обично не посегнуваат по речници кога употребуваат одреден збор. Наместо тоа, мислиме во концепти: збир својства, идеи, примери и асоцијации кои ни се појавуваат во умот кога мислиме на некој збор.
Ново истражување покажува дека концептите кои луѓето ги имаат, дури и за таков навидум банален збор, може да варира од човек до човек, со шокантна фрекфенција. Ова не значи дека не се согласуваме околу базичната дефиниција на пингвинот. Но додека едни мислат дека тоа се бучни и дебели суштества, повеќе како китови отколку како орли, други сметаат дека тоа се чудни животни, поблиски до ној отколку до делфин.
Ваквите дискрапантни гледишта се опишани во статија под наслов „Латетен диверзитет на човечките концепти“ објавена во списанието за когнитивни науки „Отворен ум“ од март 2023. Авторите од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, покажуваат дека дури и наједноставните именки можат да поттикнат десетици различни концепти во умот на поединците, а преклопувањето помеѓу нив е минимално.
За нештата да се уште полоши, истражувачите сфатиле дека луѓето најчесто не се ни свесни за ваквите разлики и веруваат дека повеќето други луѓе мислат како нив. Ова објаснува зошто толку често во секојдневниот живот се случуваат недоразбирања, дури и за банални нешта. Ова е изненадувачки, затоа што до скоро мислевме дека е едно да се дефинираат апстрактни концепти како „знаење“ или „правичност“, но дека не би требало да е проблем кога станува збор за дефинирање на, на пример, членови на семејството или животни.
Тимот зад истражувањето побарал од 1800 испитаници да направат проценки на сличност, како на пример „Што е заедничко помеѓу пингвин, штиглец (вид појна птица) и делфин“. Веднаш потоа побарале да бидат проценети и одделни својства, како на пример „Дали пингвинот е бучен“. Потоа користеле математички методи на кластерирање за да го проценат бројот на одделни концепти содржани во примерокот. Изненадувачки, но резултатите сугерираат дека постојат од 10-30 различни варијантни на концепти дури и кај највообичаени именки како пингвин.
Ова е уште понагласено ако наместо општи именки се користат конкретни имиња на луѓе, на пример политичари. Големи разлики се појавиле меѓу концептите на учесниците поврзани со Џорџ Буш и Џо Бајден. Ова додуша било очекувано, наспроти претходниот наод. Можеби разликите произлегуваат од фактот што голем дел од луѓето немале контакт со жив пингвин, па оттаму и различните убедувања за тоа колку тој тежи или дали испушта гласни звуци. На крај излегува дека голем број од разликите всушност произлегуваат од животното искуство на поединецот и колку тој посветува внимание набљудувајќи некој феномен и регистрирајќи ги неговите специфичности - во случајов главно преку телевизија, документарци или посета на зоолошка. Студијата сепак не покажува дека луѓето немаат основна разбирачка - никој не рекол дека пингвин е исто што и албатрос, само дека основата е многу пошаренолика отколку што се очекувало.