Дега е еден од најславните претставници на импресионизмот од доцниот 19 век. Но францускиот сликар имал и тајно оружје, кое дополнително ја нагласувала неговата техника и го привлекувала окото на гледачот.
Во статија на оваа тема под наслов „Соодветно врамени слики: Дега и иновацијата во импресионистичките рамки“ се прави краток историски пресек на постоењето и важноста на рамките во западната уметничка историја. Тие биле чисто практичен елемент кој се додавал на веќе завршената слика, кој често немал никаква врска со нејзината естетика туку бил дизајниран така за да одговара на околниот мебел. Но тоа не било случај со Дега.
Тој во текот на животот дизајнирал повеќе од четириесет рамки за своите дела. Тоа е ера на маркантни, често пати позлатени и детално обработени рамки, кои се директно поврзани со стилот на авторот. Дега отишол чекор понапред во третирањето на врамувањето, со тоа што му бил патрон на Пјер Клузел, веројатно најиновативниот рамкаџија во Париз. „Патрон“ во случајов значело дека му ја финансирал дејноста, со тоа што му нарачувал специјално дизајнирани рамки за своите слики.
Тие отскокнувале од тогашните норми. Биле рамни и екстремно едноставни, со минималистички декорации. Некои од нив, на маслата на платно, биле обоени златно, а уште други две биле зелени. Останатите биле изработени од необоено дрво, нагласувајќи ја природноста и потезите со четка или пастел. Со ова Дега му го насчувал вниманието на гледачот врз самата содржина на сликата, нагласувајќи ја нејзината рамна површина која се втопувала во едно со онаа на рамката.
Дега толку инсистирал на важноста на врамувањето што се скандализирал кога некој купувач на неговото дело ќе ја променел или ќе се отарасел од оригиналната рамка. Клод Моне, и самиот водечки импресионист, се сеќавал дека Дега му наредил да ја остави рамката на некој пастел, како услов за продажба. Истовремено, им давал детални упатства на купувачите како и каде да ја постават сликата. Ова го актуелизира прашањето дали рамката се сведува на обичен „држач“ на слика, или кога се проучува нечие дело треба да се земат предвид и оригиналните начини на кои таа била врамена?
Види претходно: Дали е време и рамките да ги третираме како уметничко дело?