Многу пред Киндл имало еден необичен читач на книги

Во 2004 излезе Сони Либри, првиот е-читач кој користеше тогаш модерен електронски екран кој имитира хартија. Колку и да изгледа ова дамнешно во технолошки години, основната идеја на апарат кој може да се држи во рака, а да собира големо количество текст, всушност датира од пред осум децении.

Се викала „читачката машина на Фиске“, изум кој бил првично претставен во број на списанието „Сајентифик Американ“ од 1922. Инструментот се состоел од тенки леќи и мал лизгач со кој делот низ кој се гледало можел да се поместува горе-долу. На овој начин можел да се чита обичен текст кој фотографски бил редуциран на 1/100 од просторот кој би го зафаќал во оригинал. 

За книгите да бидат компатибилни со овој ингениозен систем требало да се направи не дигитализација, туку нивно смалување односно минијатуризација. Според патентот поднесен од изумителот Бредли Ален Фиске (а ова бил само еден од 11-те кои се водат на негово име), текстот на која и да е книга можел да биде фото-гравиран во бакарна плоча, потоа десет пати намален, а на крај отпечатен на парчиња хартија за користење во машината, која овозможувала нормално читање низ зголемувачки стакла. Поточно, низ едно единствено стакло, со тоа што другото око било покривано за да не го одзема вниманието. 

Фиске верувал дека извршил револуција во издаваштвото. Благодарение на неговиот изум, книгите и списанијата можеле да се произведуваат за многу мал дел од нивната тогашна цена. Исто така можеле да се скратат трошоците за материјали, транспорт и складирање. Ова барем била неговата замисла - дека списанијата би можеле да се дистрибуираат преку пошта речиси бесплатно, и дека со оглед на ниската цена образовниот и забавниот материјал би му бил достапен секому. Со оглед на тоа како изгледа денес врската помеѓу читателите и читаниот материјал, додуша не благодарение на бакарни плочи и очила туку на компјутерите и на интернет, изгледа дека Фиске бил многу пред своето време. 

За жал токму тоа довело и до неговата деловна пропаст - додека се трудел да го рафинира дизајнот се појавил микрофилмот, и веќе до 1935 Кодак почнал да го објавува „Њујорк Тајмс“ на 35мм микрофилм. Сепак, апетитот за минијатуризирани новели и читачи никогаш не се остварил на начин на кој го замислувал Фиске. Барем не до изумувањето на е-читачот, кој и понатаму не успева да ја поттисне хартиената книга онаква каква што ја знаеме. 

извор

9 ноември 2022 - 17:33