На погребот на Хауард Косел, славниот спортски коментатор, на стари години познат по вештачките парчиња коса со кои си ја покривал ќелата, Мухамед Али со шепот го прашал Кристл дали Косел, кој бил во затворен ковчег, го носи тупето или не. „Не верувам", одговорил Кристл. „Епа тогаш како Господ ќе го познае?" - се секирал Али. „Кога Хауард ќе почне да му се жали", го утешил Кристл, „Бог ќе знае дека е тој".
Чарлс Бронсон, пак, бил бесен кога Кристл, како извршен продуцент, му го испратил сценариото за City Slickers (Градски измамници). „Умирам на 64-та страница!", му се дерел по телефон. Џек Паланс подоцна ја прифати улогата и освои Оскар.
Овие, и уште голем број анегдоти се содржани во новата книга на Били Кристл „Сè уште ги зафркавам: каде бев, каде одам и каде ми се клучевите по ѓаволите" (Still Foolin'Em: Where I've Been, Where I'm Going and Where the Hell Are My Keys). Во неа тој спојува негови размислувања за стареењето, со интересен опис на неговото детство, младоста и 45-годишната кариера како комичар, актер и режисер.
Во 70-тите кога почнувал со настапи биле популарни „еднолинијките" - вицеви од по една реченица. Но него не го бивало многу за овој жанр, па морал да научи да го задржи вниманието на публиката со раскажување приказни и создавање карактери, без оглед дали се тие реални (како Али, кого Кристл често и брилијантно го имитирал, како и куп други меѓу кои Адам Ент, Џон Кенеди и Принс), или измислени, како Ли Голдман, стар еврејски водител на временската прогноза, која ја презентираше на Saturday Night Live, но која важела само за блокот каде живеел.
Критичарите ја фалат книгата, но не и поглавјето каде тој се жали на староста и ги набројува сите нешта кои го нервираат денес - од мачки, преку вработените во обезбедувањето на транспорот, до дебелите луѓе. Но затоа деловите за неговото растење во Њујорк се одлични. Татко му имал продавница за џез плочи на Менхетен, а Луј Армстронг бил семеен пријател. Тој, и уште куп други џез музичари, свиреле на бар мицвах-от на Кристл. Но татко му го видел Били како настапува само еднаш, на средношколска вечер на таленти, каде тој го имал првиот јавен настап. Набргу потоа таткото починал, а 15-годишното момче „веќе никогаш не се почувствувало младо". Ова искуство е детално опишувано во „700 недели", книга и монодрама која Кристл ја играше на Бродвеј, а кои се посветени на татко му и нивниот однос.
Оттаму, неговата смисла за хумор и ведар дух се покажале како витални карактеристики во текот на неговиот понатамошен живот. Не само за неговата кариера, туку и во приватниот живот - женет е со средношколската љубов, веќе 43 години.
Има една романтична комедија во негова режија и со него и Дебра Вингер во главните улоги, која ни е омилена. Се вика Forget Paris, и некои сцени во него се антологиски. На пример оваа.