Воспоставени во 1991, нам драгите и редовно следени Иг Нобелови признанија, се благонаклона пародија на Нобеловите награди, кои се доделуваат на „постигнувања кои најпрвин засмејуваат, но потоа те тераат да се замислиш“. Церемонијата на врачување вклучува минијатурни опери на научни теми и „предавања“ на кои експерти од различни области мораат да си ги објаснат истражувањата два пати: еднаш во 24 секунди и втор пат само со седум зборови.
И оваа година има еден куп интересни теми. На пример, признанието од областа на хемијата и геологијата го доби Јан Заласевич за објаснувањето зошто голем број научници сакаат да лижат карпи. Помеѓу геолозите ова е познат начин на тестирање на тоа дали пронајдениот примерок е карпа или дел од фосилизирана коска, бидејќи второво би се залепило на јазикот. Со гризење пак на карпата за момент може да се одреди големината на зрната, и тоа дали таа содржи глина. Заласиевич е палеонтолог на Универзитетот Лестер во Британија, а на оваа тема пишувал уште во 2017 во есеј објавен во билтенот на Палеонтолошката асоцијација.
Иг Нобелот за машинско инженерство го добија двајца научници од Универзитетот Рајс во САД, за користење мртви пајаци како еден вид „фаќалки“ или „канџи“. Станува збор за ново поле наречено „некроботика“, во кое овој пат научниците ги претвориле телата на тн. волчји пајаци во алатки со кои може да се манипулираат поситни предмети. Тимот успеал во ова со тоа што пикнале шприц во грбот на пајакот и го залепиле, а потоа со вбризгување течност во трупот успеале да направат неговите пипала да се отвораат и затвораат.
За нас сепак најважно е што (колку што знаеме) за прв пат имаме „наш човек“ на списокот наградени. Иг Нобелот за медицина му припадна на тим предводен од д-р Наташа Мешинковска (на фотографијата прва од лево), дерматолог на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, за броење влакна во ноздрите на човечки трупови. Резултатите се содржани во нивната научна статија објавена во Меѓународното списание за дерматологија под наслов „Мерење и квантификација на кадаверични назални влакна“. Ова треба да помогне во лекувањето на пациентите со алопеција, кои пред да ја загубат косата ги губат и влакната од носот, со што стануваат понеотпорни на респираторни инфекции.
Целиот список наградени тука