Во далечната 1910-та летовите со човечки екипаж се уште биле голем сон. Токму затоа во октомври истата година целиот свет - или барем голем дел од источните Соединети Американски Држави - гледал кон небото, кон тогаш најновиот фантастичен обид за одржлив, долг лет. Големиот балон, долг 61 метар, полн со водород требало да го премине Атлантскиот океан, а се викал - „Америка“. Негов сопственик бил новински издавач, Валтер Велман, самопрогласен истражувач и аеронаут. Тој со истиот балон најпрвин се обидел да стигне до Северниот пол, но не успеал. Откако го зајакнал и го проширил пропорционално ги зголемил и своите амбиции.
Човечкиот екипаж се состоел од самиот Велман, еден инженер, еден навигатор (фото горе) и еден радио оператор. Во балонот имало мала кабина за патниците и дрвен чамец за спасување закачен за дното. На самиот старт тие се соочиле со лошо време, а и моторите се мачеле, најверојатно затоа што биле полни со песок нанесен од пистата од кадешто тргнале. Но никој не очекувал дека најголемиот проблем ќе биде - еден мачор!
Никој не знае како тој се нашол во балонот, но изгледа типичната мачешка љубопитност го поттикнала да влезе во него, а потоа и во легендите. Како што балонот полетал, така тој почнал да скока „како верверичка во кафез“, да ги напаѓа оние кои се обидувале да го смират и мјаукал толку гласно што го деконцентрирал главниот навигатор. „Америка“ бил првиот балон опремен со радио врска, па Кидо - како што го крстиле подоцна мачорот - влегол во историјата и како тема на првата радио комуникација од летачки објект. Таа гласела: „Рој, дојди и земи ја оваа проклета мачка!!“.
Кидо и екипажот поминале 71 час летајќи, во нешто што тешко може да се опише како удобен лет. Откако поминале само 2000 километри од точката на полетување, балонот испратил СОС сигнал. Сите, заедно со мачорот, биле евакуирани преку чамецот за спасување на паробродот на Кралската пошта. Самиот балон, без тежината на чамецот, посадата и мачорот, се извил во небото и на крај се срушил на брегот на Мериленд. На Кидо, според сведоштвата, многу повеќе му се бендисало патувањето по вода - се сончал испружен на палубата, сосема опуштен.
И покрај тоа што не преминал преку Атлантикот, „Америка“ сепак го срушил рекордот за најдолг лет. Кидо се вратил на копно како херој, а некое време се среќавал со своите фанови поздравувајќи ги од позлатен кафез полн со перници поставен во излог на стоковна куќа во Њујорк. Остатокот од животот го поминал со ќерките на Велман. Посадата сметала дека неговите девет животи им помогнале да го преживеат опасното патување.