„Гулабот и изметот зборуваат за историска локација полна со дуалности, место каде суровоста и сјајот постоеле едни крај други со милениуми“.
Вака ја објаснува новата маскота на Лондонскиот музеј неговата директорка Шерон Амент. Во блог пост, музејот додава дека гулабот е одбран затоа што илјадници години останува „непристрасен и скромен набљудувач на лондонскиот живот“, сведочејќи ги неговите промени. Во делот кој се однесува на историјата на постоењето на оваа птица на англиско тло, се наведува дека таа е одомаќена во времето на инвазијата на Норманите, во 11 век. Гулабите се појавуваат често во понатамошната градска историја. Така, во 1385 лондонскиот епископ се жалел дека луѓето со „зол дух“ фрлаат камења, стрели и други предмети кон гулабите спокојно сместени на прозорците на катедралата Св. Павле. Во текот на Големиот пожар од 1666, тие морале да ги напуштат домовите кадешто живееле, но летале над прозорците и балконите додека не си ги изгореле крилјата.
Ај гулабот, ама таа кашканицата под него поттикна бурни коментари. Голем број лондончани го нарекоа изборот дрзок и бадијала потрошени пари. Освен тоа, различни бизниси (како ресторани и штандови за храна) мака мачат со навалицата на гулаби, а градските чистачи пак мораат да излезат на крај со 11 кг измет што го произведува еден гулаб годишно. За да се отстранат од јавните површини во бројни градови низ светот гулабите активно се одбиваат со поставување мрежи или железни боцки.
Но има и такви кои велат дека контроверзната птица е навистина симбол на долгата и често пати контроверзната историја на Лондон, град во којшто свој придонес даваат и помалку саканите жители, дури и оние кои имаат крилја.
Фото: Лондонски музеј
извор