Среќен роденден Набоков (22. април 1899)

Лолита и пеперутките

Греам Грин, Борхес, Ибзен и Набоков ги спојува еден необичен факт, што и покрај несомнената писателска величина и слава никогаш не добиле Нобелова за литература. Но Набоков се издвојува од нив и по една некнижевна страст - молците и пеперутките.

Во ноември 1964 списанието Лајф објавило статија под наслов „Мајсторот на многустраноста", во кој освен како веќе славен преведувач и романсиер, Набоков е претставен и како еден од светските авторитети на тема lepidoptera (пеперутки и молци). Самоук во оваа област, тој работел како куратор на збирка во Музејот на споредбена зоологија на Харвард, и собирал инсекти низ цела Америка, објавувајќи описи на стотици видови, и формулирајќи свои теории за потеклото на некои од нив.

Во статијата во „Лајф“ е објавена и серија фотографии, направени во и околу Итака, Њујорк, кои ја илустрираат опсесијата на Набоков со овие разнобојни летечки суштества. Пренесуваме дел од нив, со само еден цитат од интервјуто, кое кажува многу за умот на големиот писател.

„Индиферентен сум кон скулптура, архитектура и музика. Кога одам на концерт единствено ми е важен одразот на рацете на пијанистот во лакот на инструментот. Умот ми заталкува и се врзува за небитни работи, како на пример дали ќе имам нешто добро за читање пред да заспијам. Да знаеш дека имаш нешто добро за читање пред спиење е меѓу најголемите задоволства".

 

 

 

 

 

22 април 2013 - 16:30