За оние кои се родени многу по овој датум - на 13 јули 1985 на стадионот Вембли во Лондон, и со вклучување на голем број светски центри кои симултано организираа концерти, се одржа еден од најголемите музички спектакли во историјата. Го организираа Боб Гелдоф и Миџ Јур за да соберат пари за гладните во Етиопија.
Сега во театарот Олд Вик во Лондон се подготвува мјузикл, насловен „Само за еден ден“, кој вклучува песни кои тој ден ги изведуваа Квин, У2, Елтон Џон, Пол Макартни и Стинг.
Претставата ќе игра од 26 јануари до 30 март 2024, а Боб Гелдоф сака да ги увери сите дека никој во неа нема да ги глуми реалните музичари.
„Ова не е тријбут, нема никаква врска со тоа. Нема да има човек облечен како Фреди со лажни мустаќи. Песните се само помошно средство за одвивање на дејството“, вели тој во интервју за Би-би-си.
Насловот на претставата, Just for One Day е стих од „Херои“ на Боуви. Таа ќе понуди увид во тоа што се случувало зад сцената во текот на организацијата и одржувањето на Бенд Ејд и американскиот Лајв Ејд, со тоа што главна нишка е реална љубовна приказна. Десет проценти од секој билет ќе оди во Хуманитарниот труст Бенд Ејд.
Шоуто првично е замислено од Џон О’Ферел, кој го напишал мјузиклот „Госпоѓа Даутфајр“ и Лук Шепард. Тие немале многу самодоверба кога му пристапиле на Гелдоф со зборовите „знаеме дека ќе кажеш не, но сакаме да го направиме ова затоа што нашите татковци не престануваат да зборуваат за тој ден“. Но откако бил присутен на неколку проби, Гелдоф бил длабоко трогнат и ја поддржал продукцијата. Него ќе го игра англискиот актер Крег Елс, за кого Гелдоф вели дека има далеку подобар глас од него. Тој се надева дека мјузиклот ќе инспирира нови генерации да направат нешто слично со неверојатните технолошки помагала кои денес стојат на располагање.