Кратка историја на „проколнатите“ филмови

Во филмските кругови се користи францускиот израз film maudit (филм мод), буквално „проколнат филм“. За да се квалификува за оваа титула, едно дело треба да исполни неколку услови, меѓу кои да биде опсесивно обожуван само од мала група фанови.

„Филм мод“ не мора да е лош филм, иако првичните критики можеби го оцениле како таков. Исто така тоа не е култен филм. Не е ни огромна утка, туку е дело кое гласно малцинство го слави како ремек-дело.

„Проколнатиот“ филм во себе го содржи зародишот на сопственото проклетство. Боб Дилан, самиот режисер на катастрофалниот „Реналдо и Клара“, бил во право кога го напишал (и испеал) аланфордовското: „Нема таков успех како неуспехот, а неуспехот воопшто не е успех“. Загубената лебедова песна на Оскар Мишо, „Предавство“ од 1948, легендарен „проколнат“ филм, бил опишан од њујоршки критичар на следниов начин: „Едноставно нема поента во тоа да се применуваат нормалните критички стандарди, или да се опише една монументална инкомпетенција како обид за правење филм“.

Филмот може да биде „проколнат“ и поради мегаломанството на своите автори. „На сребрената топка“ (On the Silver Globe, слика горе), филм на Анжеј Зулавски од 1988, бил замислен како научнофантастична алегорија со голем буџет. Неговото снимање почнало во 1970-тите на локации од пустината Гоби до Крим, пред да биде прекинато од страна на полските културни „комесари“ како радикално антирелигиски. Една деценија подоцна Зулавски го собрал материјалот, преснимил некои сцени со нови актери и додал документарни снимки од доцните 1980-ти во Полска.

Вистинскиот „филм мод“ е херојска сага. Веројатно нема подобар пример за ова од „Човекот кој го уби Дон Кихот“ на Тери Гилијам од 2019, опишан од критичарот Питер Бредшо од Гардијан како „библиска сага составена од уништени сетови, пропаднато финансирање и куп малери“. Сето ова беше инспирација дури и за мета-мод документарец, „Загубен во Ла Манча“ (2001).

По правење на ваков филм кариерата на режисерот, па дури и на некои од актерите, може лесно да пропадне. Исклучоци сепак има - Сем Пекинпо во 1964 доживеал дебакл со „Мејџор Данди“, но потоа го направил „Дивата орда“ (1969). По ова ремек-дело следеле повторни неуспеси, што го прави Пекинпо еден од синеастичките полу-мод богови.

Овој „жанр“ предизвикал големо внимание помеѓу француските интелектуалци по Втората светска војна. Францускиот поет Жан Кокто и продуцентот Андре Базан пролетта 1949 почнале да организираат Фестивал на проколнатиот филм во одмаралиштето Биариц. Неговата цел била да ги прикаже оние некомерцијални и оттаму невидливи филмови кои се „индиферентни кон цензурата и барањата на екслоатацијата“, и кои поради тоа биле проколнати како и книгите на одредени поети (притоа Кокто мислел на збирката на Пол Верлен од 1888 на „проколнати“ поети како Рембо, Маларме и самиот Кокто, Les Poetes maudits). Фестивалскиот постер, дизајниран од Кокто, личи на Роршахов тест.

Денес ова се смета за еден од најзначајните филмски настани во Франција во поствоениот период, кој ја евоцирал авангардната атмосфера на 19 век, како „Салонот на одбиените“, изложба прв пат поставена во 1863 со уметничките дела одбиени од Парискиот салон, вклучувајќи слики на Мане и Писаро. На истиот начин синефилите - вклучително и идни режисери на тн. нов бран - се сјатиле за да ја следат тридневната програма со три програмски блока дневно на фестивалот во Бијариц.

Фестивалот се одржал и следното лето, но тој се проколнал самиот себе со тоа што му оддал признание на тогаш затворениот режисер Едвард Дмитрик, кој седум месеци подоцна ќе сведочи против свои колеги пред Комисијата за неамерикански активности.

„Големиот филм е случајност, кора од банана под нозете на догмата“, изјавил Кокто во каталогот за фестивалот. Дали денес постојат вакви филмови кои се „шамар“ во лицето на јавниот вкус, или границите се одамна поместени, до степен што клетвата веќе не фаќа?

извор

12 април 2021 - 18:51