Пред да студира ботаника на Универзитетот Дархам, Дејвид Белами работел како физички работник во фабрика за слатки и како водоводџија. Медиумска популарност стекнал во 1967, кога алармирал во врска со излевањето на нафта од супертанкерот Тори Кањон на југо-западниот брег на Британија, кога биле излеани над 100 милиони литри сирова нафта, кои го контаминирале брегот на Франција и на Англија. Како последица на излевањето биле уништени над 15.000 морски птици, заедно со огромен број морски организми, а особено голема штета направило истурањето на таканаречените „детергенти“, средства наменети за растворање на нафтата при чистење на бродските мотори, кои во тоа време содржеле отровни компоненти.
По ова Белами почнал да добива ангажмани на малите екрани, а благодарејќи на својот карактеристичен глас и маркатна дедомразовска фигура, бргу станал популарен водител и наратор на бројни природонаучни емисии. Меѓу нив и оние кои на времето се даваа во склоп на зимската образовна програма на Белградската телевизија.
Но неговите коментари за „митот“ на глобалното затоплување од 2005 претставуваа почеток на крајот на неговата ТВ кариера. Во писмо кое го објави на 16 април таа година во списанието New Scientist тој тврдеше дека голем дел од ледниците под надзор на Светскиот мониторинг сервис всушност не се топат, туку напротив, се зголемуваат во обем, и дека генерално постојат докази за природни и циклични климатски движења, но не и за алармантни промени.
Веднаш после ваквите изјави му беше одземено членството од различни организации за заштита на животната средина, а според негови изјави тие биле и повод засекогаш да биде прогонет од каналот Би-би-си.
Видеата во кои тој се обидува да ги објасни своите ставови - до кои се држел до крајот на животот, се главно од опскурни телевизиски канали и со лош квалитет. Во едно од нив тој тврди дека глобалното затоплување како резултат на човекот е измама која се прави заради всадување страв и зголемување на даноците.
Неговиот лик сепак останува поврзан со заразен ентузијазам и за најмалата грмушка, дрво и растение, и сите организми кои живеат во и околу нив.